Претставници на Украина, Соединетите Американски Држави и Русија би можеле да се сретнат во декември, за време на самитот на Г20 во Мајами, но Вашингтон и Москва сè уште не ја потврдиле средбата, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Тој посочи дека разговорите би можеле да се одржат и на друга локација, вклучително и во некоја европска земја или на Блискиот Исток.
„Средбата би можела да се одржи во САД за време на самитот на Г20. Сепак, сè уште нема потврда ниту од Русија ниту од САД. Таа би можела да се одржи и во некоја европска земја“, изјави Зеленски во разговор со новинарите преку апликацијата Ватсап, пренесува Ројтерс.
„САД постојано ги споменуваа Обединетите Арапски Емирати или Саудиска Арабија“, додаде украинскиот претседател.
Зеленски соопшти дека украинските преговарачи во петокот разговарале со американски претставници, но не откри детали од разговорите.
Тој исто така оцени дека на Европа ѝ е потребен сопствен канал за дијалог со Русија, со која односите се затегнати поради војната во Украина.
Самитот на Г20, групата на 20 водечки светски економии, во која членуваат САД и Русија, но не и Украина, треба да се одржи во декември во Мајами.