ЕУ: Ќе продолжиме да ѝ даваме поддршка на Украина и нема да укинеме ниту една санкција против Русија


depositphotos_750092740_s.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Европската унија ќе продолжи да ѝ дава поддршка на Украина и нема да укине ниту една санкција против Русија, изјавија денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.


„Едно нешто е апсолутно јасно: нема да укинеме ниту една санкција сè додека Русија не ја запре оваа војна“, им рече Фон дер Лајен на новинарите пред самитот на лидерите на ЕУ, на кој присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Можете да сметате на нас“, вети претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во момент кога Зеленски се соочува со критики од американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп во повеќе наврати повика на смена на украинскиот претседател и најави планови за увоз на дизел од Русија со цел да се намалат рекордно високите цени на горивата, како и планови за олеснување на санкциите против Москва.

„Ова не е време за олеснување на санкциите против Русија. Сега е време да ја зајакнеме нашата поддршка и да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Кошта.

Пред шест дена, Трамп еднострано прогласи „енергетско примирје“ меѓу Русија и Украина, обвинувајќи го Зеленски дека со нападите врз руските рафинерии предизвикал раст на светските цени на нафтата.

Украинскиот претседател претходно изјави дека Украина, иако неволно, го испочитувала барањето на Трамп во текот на три дена, додека Русија истовремено продолжила со нападите врз украинската енергетска инфраструктура.

„Се разбира, ние го поддржавме енергетското примирје на претседателот Трамп, но видовме дека Русија не го почитуваше – ниту за една минута“, рече Урсула фон дер Лајен.

Наместо да го почитува примирјето, Русија ги интензивираше нападите, истакна таа, што ја поттикна ЕУ да започне со подготовка на 22-риот пакет казнени економски и финансиски мерки против Москва.

Зеленски, кој престојува во Брисел на самитот на ЕУ, изрази благодарност што може да смета на европските лидери, кои се на страната на Украина уште од самиот почеток на војната.

Според извештаите од Киев, САД, исто така, го намалија обемот на разузнавачки податоци што ги споделуваат со Украина и го ограничија пристапот до сателитскиот интернет сервис „Старлинк“ (Starlink). Се очекува лидерите на ЕУ да започнат разговори за понатамошна поддршка за Украина во наредните години.

Минатата година, ЕУ воспостави заем за поддршка на Киев во вредност од 90 милијарди евра, кој се однесува на годините 2026 и 2027. Иако буџетот на Украина за оваа година е целосно покриен, Киев предупреди на значителен недостиг на финансиски средства за 2027 година.

Украинскиот министер за финансии, Серхиј Марченко, минатиот месец изјави дека на земјата ѝ недостасуваат 32,6 милијарди долари економска помош и 45 милијарди долари помош за одбраната.

Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, вчера, во пресрет на разговорите со другите лидери на ЕУ, изјави дека Европа ќе мора да ја зголеми финансиската поддршка за Украина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK