Српскиот тенисер Стефан Милиќевиќ e суспендиран на 24 години откако Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ITIA) утврди дека учествувал во местење натпревари и се обидел да вклучи и други играчи во корумпираната мрежа.
Милиќевиќ, кој некогаш беше 1.338. тенисер на светот, нема да има право да се натпреварува до 2050 година.
Според соопштението на ITIA, откриено е дека тој наместил шест натпревари помеѓу 2022 и 2024 година, додека се обидувал да намести уште шест. Во пет од шесте потврдени случаи, тој самиот учествувал на теренот.
Во периодот од 2022 до 2024 година, Милиќевиќ одиграл вкупно 11 професионални натпревари, сите на трето ниво на професионален тенис.
ITIA тврди дека Милиќевиќ регрутирал или се обидел да регрутира други играчи како дел од корумпирана мрежа, што довело до тоа голем број други тенисери да учествуваат во местењето.
Според ITIA, српскиот тенисер не соработувал дури ни за време на истрагата спроведена во 2026 година. Агенцијата тврди дека седум пати се обидела да го добие неговиот одговор, преку различни канали.
Поради ова, неговиот случај дури и не стигнал до службеникот за антикорупциски сослушувања. Милиќевиќ не одговорил на обвинувањата ниту на известувањето за сериозно прекршување што му било испратено на 24 септември, па казната автоматски била изречена без писмена одлука од сослушувањето.
Покрај суспензијата до 2050 година, тој бил казнет и со парична казна од 70.000 долари.
Особено е интересно што српскиот тенисер заработил само 4.858 долари од турнирски награди во текот на целата своја професионална кариера, што значи дека казната е речиси 14,5 пати поголема од неговите вкупни приходи на теренот.
Претставник на ITIA изјавил дека времетраењето на суспензијата се должи на сериозноста на прекршокот, бројот на наместени натпревари и обидите за вмешување на други играчи во приказната, а не на неговото одбивање да соработува за време на истрагата.
Милиќевиќ претходно играл колеџ тенис на Универзитетот во Минесота, а работел и како тренер на Универзитетот ДеПол во Чикаго.
Суспензијата на Миличевиќ му забранува не само играње, туку и тренирање и учество на турнири под покровителство на АТП, ВТА, Гренд слем турнирите и националните тениски асоцијации.
Foto/ Depositphotos