Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека егзекуцијата на Нидал Хасан, осуден за убиство на 13 лица во воената база Форт Худ во Тексас во 2009 година, нема да се пренесува во живо. Со ова ја повлече одлуката што Пентагон ја најави минатата недела.
Трамп на социјалната мрежа Truth Social напиша дека јавното пренесување на егзекуцијата би можело да има силен ефект на одвраќање од тероризам, но дека многу луѓе не сакаат да гледаат како некој умира.
„Ќе биде погубен со стрелачки вод, како што е планирано, но настанот нема да се пренесува. Сепак, членовите на најблиските семејства на жртвите ќе можат лично да присуствуваат на егзекуцијата доколку сакаат. Заслужуваат да бидат сведоци на правдата“, порача Трамп.
Според „Си-ен-ен“, Трамп претходно во приватни разговори признал дека првично не знаел оти Хасан е парализиран од половината надолу.
Хасан во нападот во 2009 година уби 13 лица и рани уште 32. Неговата егзекуција е закажана за 3 декември и би била првото американско воено погубување по повеќе од 60 години.