Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска во Бундестагот изјави дека помошта за Украина не оди на сметка на германските граѓани и не ја принудува државата да ги намали трошоците за пензии, социјална заштита или образование.
Тој ги отфрли критиките од опозициските партии кои бараат средствата наменети за Украина да се пренасочат кон домашните потреби, предупредувајќи дека Русија претставува сè поголема закана за безбедноста на Германија и Европа.
„Ниту едно евро доделено за Украина не се пренасочува од средствата наменети за социјална заштита или образование во нашата земја. Не недостига ниту едно евро“, рече Мерц обраќајќи им се на пратениците во германскиот парламент.
Неговата изјава беше одговор на критиките од опозициските партии „Алтернатива за Германија“ (AfD) и „Левица“ (Die Linke), кои тврдат дека милијардите евра помош за Украина треба да се искористат за германските пензии, инфраструктурата и други домашни потреби.
Канцеларот предупреди дека континуираната германска воена и финансиска помош за Украина е од витално значење не само за Киев, туку и за безбедноста на Европа.
„Гледаме дека расте подготвеноста на Русија за ескалација – кон Украина, кон нашите соседи во Источна Европа и кон нашата сопствена земја“, рече Мерц.
Тој нагласи дека руската закана не е само теоретска и дека Германија мора да продолжи да ѝ помага на Украина за да придонесе кон зачувување на европската безбедност.
Притоа, тој истакна дека Германија ги изменила своите уставни правила за задолжување за да овозможи зголемени трошоци за одбрана и безбедност.
Според овие правила, одредени расходи за одбрана и безбедност може да се финансираат преку дополнително задолжување, надвор од стандардните ограничувања за државниот долг.
фото/ЕПА