МВР поднесе кривични пријави против три лица за сторени кривични дела „спречување службено лице во вршење службено дејствие” и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори” во врска со настанот што се случи на 7 октомври, а во кој наводно полицајци брутално претепале две млади лица.
По објавите дека на 7 октомври на подрачјето на Скопје, две лица биле физички нападнати од полициски службеници при нивното постапување, при што, според нивните наводи, им бил оштетен и автомобилот, министерот за внатрешни работи наложи на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да го испита случајот.
„Во врска со кривично правниот настан, кој се случил на 07.10.2026 околу 20:25 часот на ул.„Црногорска“ во Скопје каде при заседа на патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, а по претходно добиени оперативни сознанија дека ќе биде извршено кривично дело по член 215, купопродажба на марихуана, веднаш по добиените информации преземени се соодветни мерки и од страна на полициските службеници даден е знак за запирање на патничкото возило „бмв“.
Откако полициските службеници се упатиле кон возилото со цел легитимирање и преглед, возачот го стартувал возилото, при што удрил во бандера и во истиот момент преку прозорецот фрлил кеса со марихуана. Во тој момент еден од полициските службеници го извадил својот службен пиштол и од совозачката страна на полуотворениот прозорец издал наредба „стој полиција“, при што од страна на лицето од совозачката страна му бил одземен службениот пиштол, а возачот го стартувал возилото и се дал во бегство“, соопшти МВР.
Полициски службеници кои биле поставени во близина, се упатиле по возилото кое со голема брзина се движело по ул. „Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје-Тетово, при тоа оглушувајќи се на звучните и светлосни знаци од полициските службеници, а од страна на еден полициски службеник испукани се и три предупредувачки проектили во воздух.
Во еден момент возилото „бмв“ удрило во банкина на автопат и се извртело, по што од возилото излегле возачот П.А.(24) и совозачот Е.П.(21). Лицата се лишени од слобода, пиштолот е одземен, а по извршено пребарување на теренот пронајдена е кеса со марихуана.
Денеска е поднесена кривична пријава против Е.П. и П.А. за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие” и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, а против М.Т. за кого постојат сознанија дека е поврзан со случајот поднесена е кривична пријава за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”.
Исто така, велат од МВР, за настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, кој презема мерки и активности во врска со евентуалните неправилности при постапувањето на полициските службеници во овој случај.