Вистинска драма се одвива во Манчестер Јунајтед, а центарот е 16-годишниот Џеј Џеј Габриел, еден од најголемите таленти во англискиот фудбал.
Младиот фудбалер сака да го напушти „Олд Трафорд“, а причината се необичните барања што неговите менаџери ги поставија пред раководството на клубот.
Според британските медиуми, тимот на Габриел го условил продолжувањето на соработката со низа барања што ги изненадиле челниците на Манчестер Јунајтед.
Талентираниот фудбалер бара дрес со број 77 и натпис „Габриел Џуниор“, сака да тренира исклучиво со првиот тим, но и загарантирано време за играње во три однапред одредени натпревари.
Според „ESPN“, неговите претставници инсистираат тој да добие најмалку 20 минути на натпреварите против Сабах, Брајтон и Борнмут.
Сепак, листата на барања не завршува тука. Според информациите на „Тајмс“, претставниците на младиот фудбалер побарале седумцифрена годишна плата, односно најмалку еден милион фунти по сезона.
Тоа е огромна сума за фудбалер кој сè уште не одиграл ниту една минута на официјален натпревар за првиот тим на Манчестер Јунајтед.
На „Олд Трафорд“ беа подготвени да исполнат одредени барања. На Габриел му беше доделен бројот 77, а клубот дури побара и посебна дозвола за да го има посакуваниот натпис на неговиот дрес.
Сепак, кога станува збор за загарантираното време за играње и начинот на неговиот развој, челниците на Јунајтед не сакаа да се согласат со поставените услови.
Интересна е и приказната за името на младиот фудбалер. Роден е како Џозеф Џуниор Ендру О’Керуил, а неговиот татко, поранешниот фудбалер Џо О’Керуил, заедно со неговите советници, решија да го претстават на јавноста како Џеј Џеј Габриел, верувајќи дека таквото име ќе биде препознатливо во маркетингот.
Односите меѓу двете страни оттогаш се влошија толку многу што тимот на Габриел побара прекин на неговата регистрација во клубот. Манчестер Јунајтед го отфрли тоа барање и му понуди нов договор, но сè поизвесно е дека еден од најголемите таленти во англискиот фудбал би можел да го напушти „Олд Трафорд“.
Развојот на ситуацијата внимателно го следат европските гиганти. Според медиумите, Реал Мадрид, Барселона, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен веќе покажале интерес за 16-годишниот фудбалер.
Foto/ Guliver