Општина Гостивар ќе додели 100 ваучери за бесплатна мамографија за жените и девојките, во рамки на активностите за одбележување на Месецот на подигање на свеста за ракот на дојката, познат како „Розов октомври“.
Ова го соопшти градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, истакнувајќи ја важноста на редовните прегледи и раното откривање во борбата против оваа болест.
„Подигнувањето на свеста и раното откривање се од суштинско значење за заштита на здравјето на жените. И оваа година, Општина Гостивар ќе додели 100 ваучери за бесплатна мамографија, со цел да им дадеме поддршка на жените и девојките и да ги поттикнеме на редовни превентивни прегледи“, истакна Лимани.
Во рамки на „Розов октомври“, Општина Гостивар, во соработка со Здружението „Езра“, организираше и информативна работилница под истиот наслов, на која присутните жени и девојки имаа можност да се информираат и да разговараат со здравствени професионалци за ракот на дојката, важноста на редовните прегледи и можностите за рано откривање.
На работилницата учествуваа Миранда Изири, специјалист по радиологија, и Илир Исмаили, онколог, кои споделија информации и совети за важноста на континуираната грижа за здравјето.
Преку овие активности, Општина Гостивар има за цел да ја подигне свеста за ракот на дојката и да ги поттикне жените да посветат поголемо внимание на превентивните прегледи, информираат од општината.