Две музички суперѕвезди, Џенифер Лопез и Кит Урбан, неодамна повторно станаа слободни, што поттикна гласини за можна романтична врска. Со оглед на тоа што Лопез се разведе од актерот Бен Афлек, а Урбан од актерката Никол Кидман, повторно се појавија шпекулации – гласини што започнаа уште пред повеќе од една деценија. Сепак, се чини дека станува збор за музичка соработка, а не за романса.
Професионални планови наместо романса
Нивната хемија беше очигледна уште во 2014 година, кога заедно беа дел од жирито на шоуто American Idol. Нивниот опуштен однос пред камерите и фотографиите на кои се гледа како Урбан ѝ шепоти нешто, го привлекоа вниманието на јавноста, иако и двајцата тогаш беа во врски. Денес околностите се променети, но извор близок до ѕвездите тврди дека нема да дојде до нова холивудска романса.
„Џен постојано е предмет на гласини за врски, но Кит едноставно не е нејзин тип“, изјави извор за Daily Mail. Според изворот, нивниот однос е исклучиво платонски и професионален. „Џен и Кит се одлични пријатели уште од времето кога работеа заедно. Иако и двајцата неодамна поминаа низ тешки разделби, тоа нема да ги спои – барем не романтично. Нивната соработка ќе биде чисто деловна.“
Лопез еднаш изјави дека снимањето дует со Урбан би било „остварување на сонот“. Изворот тврди дека, откако го видела успехот што Бијонсе го постигна со албумот Cowboy Carter во 2024 година, пејачката почнала да размислува и самата да се обиде во кантри-музиката. Се очекува Урбан да ѝ помогне во овој потфат.
„Џен сака да направи нешто слично на Бијонсе. Планира да сними неколку кантри-песни и да види како ќе бидат прифатени. Таа разговарала со Кит за можноста заедно да работат на неколку нумери“, наведе изворот.
Тешкиот развод на Урбан од Никол Кидман
Разделбата на Урбан од Никол Кидман го означи крајот на бракот што долго време важеше за еден од најстабилните во индустријата на забавата. Подоцнежните извештаи открија дека разводот не бил едноставен и дека парот наводно комуницирал исклучиво преку адвокати. Урбан наводно тешко ја поднел разделбата со своите ќерки, 18-годишната Сандеј Роуз и 15-годишната Фејт Маргарет. Според судската спогодба, Кидман поминува 306 дена во годината со ќерките, додека Урбан добива 59 дена – поточно, секој втор викенд. Во март, извор за „Дејли мејл“ изјави дека пејачот се чувствувал изгубено без своето семејство.
Ситуацијата дополнително се усложни со интервјуто што нивната ќерка Сандеј Роуз го даде за „Ел Австралија“, во кое младата манекенка ја опиша својата мајка како „најголема инспирација во животот“, но воопшто не го спомна татко си. „Како тој да не постои“, коментираше тогаш извор за австралиското списание „Њу Ајдиа“.
Извори што разговараа со „Дејли мејл“ ги отфрлија тврдењата дека Кидман ги свртела ќерките против нивниот татко. Еден упатен извор наведе дека девојчињата застанале на страната на мајка им бидејќи биле „повредени и лути во нејзино име“. По разделбата, Кидман беше поврзувана со бизнисменот Мајкл Рајнштајн, а еден извор изјави дека таа „ужива во овој период на себеоткривање и истражување на животот како слободна жена“.