Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата ќе продолжи да ја следи безбедносната ситуација во Црното Море и да ги прилагодува своите одбранбени мерки по потреба, по нападите врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег.
„Разговарав со бугарскиот премиер Румен Радев за неодамнешните напади врз трговски бродови во Црното Море. НАТО ќе продолжи тесно да соработува со своите сојузници во регионот. Веќе го зајакнавме нашето присуство на источното крило и ќе продолжиме да ја следиме безбедносната ситуација, прилагодувајќи ги нашите мерки за одвраќање и одбрана по потреба“, напиша Руте на социјалната мрежа „Икс“ (X).
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така ги осуди нападите со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег и изјави дека одговорните мора да се соочат со последиците.
„Црното Море стана уште еден фронт на ескалација во руската војна против Украина. Ова е неприфатливо“, напиша Фон дер Лајен на „Икс“.
„Остро ги осудувам нападите со беспилотни летала врз трговски бродови во близина на бугарскиот брег. Тие ги доведуваат во сериозна опасност животите на екипажите и ја загрозуваат безбедноста во Црното Море“, нагласи таа.
Претседателката на ЕК изјави дека Европската унија стои зад Бугарија и им се заблагодари на спасувачките тимови за нивната брза реакција.
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ја обвини Русија за намерно занемарување на човечките животи и поморската безбедност во Црното Море по нападите во кои беа повредени украински и азербејџански државјани.
„Ги повикуваме нашите партнери да го зголемат притисокот врз Русија, да ги зајакнат санкциите и да преземат одлучни чекори за таа да одговара и за да се заштити слободата на пловидба“, напиша Сибиха на „Икс“.
Тој изјави дека Црното Море е од витално значење за глобалната безбедност на храната, но, како што кажа, Русија се обидува да го искористи гладот како оружје и да го задржи светот во зависна положба.
„На ова мора да се одговори одлучно“, нагласи украинскиот министер за надворешни работи.
Два трговски брода беа погодени во одделни инциденти во Црното Море во текот на ноќта. Потеклото на дроновите и околностите околу двата инцидента сè уште не се дефинитивно утврдени.