Австралиски авион слета во Рим, а потоа беше повлечен од употреба поради наезда од стеници


kvantas-avion-depositphotos_65371977_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Австралиската авиокомпанија „Квантас“ го повлече од сообраќај еден од своите авиони во Рим откако во патничката кабина беа откриени стеници. Паразитите биле пронајдени на летот од Перт до Рим, потврди извор запознаен со ситуацијата, пренесува „Гардијан“.


Стениците биле откриени пред четири дена во предниот дел од кабината на економската класа во авион „Боинг 787 Дримлајнер“ кој го опслужувал летот QF5. По слетувањето во Рим, авионот веднаш бил повлечен од употреба заради темелно чистење. Како последица на тоа, повратниот лет од Рим до Перт, планиран за 10 октомври, бил откажан.

Портпарол на „Квантас“ потврди дека летот е откажан за да им се овозможи на техничките тимови да спроведат дезинсекција, откако бил „утврден проблем со мал број седишта во економската класа“. Портпаролот изјави дека компанијата „искрено им се извинува“ на патниците за непријатностите.

„Веројатно пристигнале преку багажот или облеката на некој патник“
Од „Квантас“ соопштија дека на погодените патници им било обезбедено сместување и биле префрлени на други летови во рок од 48 часа. Компанијата истакна дека кабините на авионите редовно се чистат според високи стандарди, а дезинсекцијата се спроведува како стандардна превентивна мерка на секои 50 дена.

Професорката Мишел Пауер, паразитолог од Универзитетот „Меквори“, смета дека стениците „веројатно“ навлегле во авионот преку багажот или облеката на некој патник. „Тие се поврзани со патувањата. Луѓето може да престојуваат во хотел зафатен со стеници, а бидејќи инсектите сакаат темни места и ги привлекува мирисот на човечка облека, тие се вовлекуваат во багажот“, објасни таа.

Тешко е да се отстранат.
„Ова се инсекти што не летаат – барем не без авион“, додаде Пауер. Таа нагласи дека стениците не се опасни, иако нивните каснувања можат да предизвикаат чешање и иритација. Проблемот е во тоа што тешко се искоренуваат бидејќи можат долго време да преживеат без храна, криејќи се во ткаенини и пукнатини.

Според неа, проблемот со стениците има „две страни“. Од едната страна се побогатите луѓе кои често патуваат и ги шират. Од друга страна, тука се поединците кои веќе се соочуваат со здравствени нееднаквости и кои можеби не можат да си дозволат пестициди или вода со температура од 55 степени Целзиусови, неопходна за нивно уништување.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK