Зеленски: Украина ќе престане да напаѓа руски рафинерии ако Москва ги запре ударите врз енергетската инфраструктура


Depositphotos_741478980_S.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Украина е подготвена да ги запре нападите врз руските нафтени рафинерии доколку Русија престане да ја напаѓа украинската енергетска инфраструктура, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, повикувајќи на реципрочни чекори за деескалација.


„Можно е да се прекинат нападите врз енергетската инфраструктура уште денеска, но Путин не го сака тоа. Украина ќе биде подготвена да престане со нападите врз руските нафтени рафинерии доколку Русија престане да ја напаѓа нашата енергетска инфраструктура. Сите чекори за деескалација мора да бидат реципрочни и поддржани со конкретни гаранции“, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Тој се осврна и на последните руски напади врз украински градови, наведувајќи дека спасувачките екипи утрото ги завршиле операциите во Запорожје, каде што, според него, загинале 23 лица, меѓу кои и четири деца.

Зеленски соопшти дека во Харков била погодена медицинска установа, а во текот на ноќта биле извршени напади врз цивилна инфраструктура, станбени згради и енергетски објекти. Според него, утринскиот удар врз петкатна зграда во Славјанск целосно уништил еден од влезовите, а постои можност луѓе да останале заробени под урнатините.

Украинскиот претседател наведе дека руските сили во текот на изминатата недела истрелале околу 1.450 авионски бомби, 75 ракети од различни типови и повеќе од 1.640 ударни дронови, од кои околу 60 проценти биле реактивни.

Тој најави дека Киев ќе ја продолжи координацијата со европските партнери за дополнителна воена помош, особено за противвоздушна одбрана и муниција за борбената авијација.

„Сè ова е за заштита на животот на нашите луѓе и интересите на Украина“, порача Зеленски, додавајќи дека, според него, „вистинската причина за војната во Европа е Русија и единствено Русија“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK