Претседателот на Собранието, Африм Гаши, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка во која порача дека празникот е потсетник на храброста и решителноста на народот во борбата за слобода, достоинство и сопствена иднина.
Гаши истакна дека вредностите на слободата, солидарноста, меѓусебното почитување и заедништвото се темел на демократско и праведно општество и треба да бидат водилка во градењето подобра иднина за генерациите што доаѓаат.
„Денес го одбележуваме 11 Октомври, Денот на народното востание, еден од најзначајните датуми во македонската историја, симбол на храброста, непокорот и решителноста на народот да се избори за слобода, достоинство и сопствена иднина“, наведува Гаши во честитката.
Тој нагласува дека е обврска на сите да го чуваат споменот на оние што се бореле и се жртвувале за слободата, а нивната храброст да ја преточат во одговорност, единство и посветеност на демократскиот развој, владеењето на правото и европската иднина на Македонија.
„Само преку заедништво, заемна почит и почитување на различностите можеме да изградиме општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван и ќе има можност да придонесе кон заедничкиот напредок. Нека 11 Октомври биде потсетник дека слободата и достоинството се вредности што треба постојано да ги негуваме и браниме“, порачува претседателот на Собранието.
На крајот од честитката, Гаши им го честита празникот на сите граѓани, со желби за мир, благосостојба и просперитет.