Маслиновото масло е познато по своите корисни својства и поволното влијание врз здравјето на срцето, но начинот на кој се чува може да влијае врз неговиот квалитет. Шпанскиот кардиолог Аурелио Рохас предупредува дека една од најчестите грешки е шишето со масло да се остава веднаш до шпоретот, каде што е изложено на топлина.
„Маслиновото масло е вистинско течно злато за нашето срце, па нема многу смисла да купувате квалитетно масло, а потоа да ја правите оваа грешка“, порачал Рохас во видео објавено на Инстаграм.
Според него, изложеноста на топлина, светлина и кислород ја забрзува оксидацијата, процес поради кој маслото постепено губи дел од своите корисни својства.
„Поради тоа, неговите биоактивни соединенија се разградуваат“, предупредил кардиологот.
Решението е едноставно – маслиновото масло треба да се чува на темно, суво и посвежо место, подалеку од шпоретот и од директна сончева светлина. Шишето треба да биде добро затворено за да се намали контактот со кислородот.
Рохас посочува и дека не е точно оти екстра девственото маслиново масло треба да се користи исклучиво за салати и јадења што не се термички обработуваат. Тоа може да се користи и за готвење, бидејќи содржи олеинска киселина и антиоксиданси кои придонесуваат за неговата стабилност при загревање.
Сепак, важно е да не се загрева до степен да почне да чади и да не се користи повеќепати за пржење. Прекумерното и повторено загревање може да го забрза разградувањето на корисните соединенија, вклучително и полифенолите.
И покрај здравствените придобивки, треба да се внимава и на количината. Една супена лажица маслиново масло содржи приближно 120 калории, па затоа е важно да се користи умерено.
„Не треба да се плашиме од него, ниту да го претвораме во чудотворна намирница. Едноставно, треба да научиме како правилно да го користиме“, порачал кардиологот.