Јужна Кореја соопшти дека го повлекува својот амбасадор од Украина, по дипломатскиот спор што избувна меѓу двете земји откако украинскиот претседател, Володимир Зеленски, јавно откри дека двајца заробени севернокорејски војници биле префрлени во Сеул.
Спорот почна минатиот месец, кога Зеленски во говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации го откри трансферот на војниците кои се бореле на страната на Русија. Сеул тврди дека со тоа бил прекршен договорот за доверливост, додека Киев негира дека постоел таков договор.
Јужнокорејскиот претседател, Ли Џе Мјунг, го оцени потегот на Зеленски како големо разочарување, нагласувајќи дека станува збор за исклучително чувствително прашање што ја засега националната безбедност. Неговата администрација објасни дека трансферот бил чуван во тајност и поради заштита на семејствата на војниците.
Тензиите дополнително се зголемија по спротивставените изјави за наводно извинување од украинска страна. Јужнокорејскиот министер за надворешни работи Чо Хјун изјави дека добил извинување, но дека тоа не ги исполнило очекувањата на Сеул. Украинското Министерство за надворешни работи, пак, негираше дека министерот Андриј Сибиха се извинил.
По ова, Сеул побара извинување од Киев поради, како што наведе, објавување невистини, оценувајќи дека со тоа сериозно е нарушена довербата меѓу двете земји.
И покрај спорот, јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ги продолжи консултациите со Украина и изрази надеж дека отворените прашања ќе бидат решени без дополнителни тешкотии.
Јужна Кореја ја поддржува Украина од почетокот на руската инвазија, но досега одбива да испраќа смртоносно оружје. Во јули најави дополнителен пакет помош од 100 милиони долари.