Институтот на овластени ревизори на Република Северна Македонија (ИОРРСМ) годинава одбележува значаен јубилеј – 20 години од своето основање на 27 мај 2006 година.
По повод две децении од своето основање,на 6 октомври 2026 година, ИОРРСМ организираше свечен настан во Филхармонија на Република Северна Македонија, посветен на досегашниот развој на ревизорската професија, нејзината улога во економскиот систем, како и на предизвиците и можностите што ја очекуваат професијата во иднина.
Дваесет години по основањето, јубилејот претставува можност за осврт кон патот кој го помина Институтот, неговиот придонес во развојот и унапредувањето на ревизорската професија, но и кон идните насоки во услови на динамични промени во економијата, технологијата и регулаторното опкружување.
Свечената програма ја отвори претседателот на ИОРРСМ, м-р Ненад Тортевски, со обраќање посветено на значењето на јубилејот и развојот на Институтот во изминатите две децении.
Особено значаен дел од програмата е учеството на г-дин Lee White, Извршен директор на Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), кој преку виртуелно обраќање ја презентираше темата Defining forces for the future of the accountancy profession and what IFAC is responding to them, како и г-ѓа Јелена Мисита, претседавач на одборот на IFAC за развој на професионални тела, со презентацијата How a Strong Accountancy Profession Supports Economic Prosperity, посветена на улогата што силната и професионална ревизорска професија ја има во создавањето услови за економски просперитет.
На настанот се одржа панел дискусија на тема Развојот на професијата во Македонија, за да се раскаже приказната што ја создавале различни генерации: генерација која ги поставила темелите, генерација која ја развивала и трансформирала професијата и новата генерација која треба да ја однесе ревизијата во иднината. Се разговараше за развојот на професијата во изминатиот период, актуелните предизвици, како и потребата од понатамошно јакнење на професионалните капацитети и стандарди.
Панел дискусијата ја водеше модераторот проф. д-р. Зорица Божиновска Лазаревска, која што е раководител на катедра за сметководство и ревизија на Економскиот факултет при УКИМ, вклучена од самиот почеток во воспоставувањето на Институтот и професијата, како и претседател на Надзорниот одбор на ИОРРСМ. Како панелисти учетвуваа: г-дин Борислав Атанасовски, кој од самиот почеток е вклучен во воспоставувањето на професијата и Институтот, еден од основачите на едно од првите друштва за ревизија во Македонија Друштво за ревизија “Б и Љ” ДОО Скопје, а сега основач на Друштво за ревизија “Расел Бедфорд Атанасовски” ДОО Скопје и ја извршуваше функцијата претседател на ИОРРСМ во 3 мандати од 2009-2018 година; г-дин Драган Давитков, управувачки партнер во Друштво за ревизија “ПрајсВотерхаусКуперс Ревизија” ДОО Скопје, поранешен член на СУНРРСМ и поранешен член на Управниот одбор на ИОРРСМ и активен учесник во развојот на професијата и развојот на ИОРРСМ; и г-ца Благица Шорева, придружен директор во Друштвото за ревизија “КПМГ Ревизија” ДОО Скопје, претседател на Комисијата за образование, обука и публикации на ИОРРСМ, претставник на помладите членови на ИОРРСМ и зема активно учество во активностите и телата на ИОРРСМ.
Главната порака на панел дискусијата беше да се најде одговор на прашањата: што треба да остане непроменето и да се сочува како наследство кое од претходните генерации ќе се пренесе на следните? Што е она што треба да се менува за да се одговори на предизвиците на новото време?
Во рамки на програмата, 20-годишниот пат на ИОРРСМ беше прикажан и преку видео времеплов, кој ги оживеа значајните моменти од историјата на Институтот и развојот на професијата низ годините. По завршувањето на програмата следуваше свечен коктел.
Јубилејот не е само потсетување на постигнатото, туку и поглед кон иднината. Tехнолошкиот развој, дигитализацијата, вештачката интелигенција, новите регулаторни барања и потребата од континуирано професионално усовршување поставуваат нови предизвици пред професијата и бараат постојано прилагодување и унапредување.
Во изминатите 20 години, ИОРРСМ се развиваше заедно со професијата, градејќи ја својата улога како професионална институција посветена на квалитетот, интегритетот, професионалноста и континуираниот развој на ревизорската професија.
Одбележувањето на јубилејот беше можност на едно место да се соберат професионалци, претставници на институции, домашни и меѓународни партнери и пријатели на професијата – да се одбележи досегашниот пат, да се споделат искуства и да се испрати порака за заедничка визија за иднината.
ИОРРСМ – 20 години професионализам, интегритет и посветеност кон иднината на ревизорската професија.
ПР