Перцепцијата за таканаречениот „синдром на единствено дете“ долго време се поврзува со разни негативни особини, како што се себичност, разгаленост или осаменост.
Научниците истакнуваат дека ваквите долгогодишни тврдења немаат цврста основа и дека растењето без браќа и сестри не го одредува карактерот на детето ниту неговите идни односи. Иако бројни фактори – од животни околности до финансиски можности – денес влијаат врз одлуките за големината на семејството, митовите за единствените деца остануваат широко распространети, пренесува Upworthy.
Психологија наспроти стереотипи
Ваквите стереотипи не се ништо ново. Уште во 1896 година, раните психолошки истражувања ги опишувале децата без браќа и сестри како „љубоморни, себични, егоистични, зависни, агресивни, доминантни или склони кон расправање“ поради вниманието што го добиваат. Сепак, современите истражувања покажуваат дека тоа не е точно. Студија објавена во 2020 година во списанието Personality and Individual Differences не открила никаква разлика во нивоата на ароганција, чувството на привилегираност или нарцисоидните тенденции помеѓу единствените деца и оние што имаат браќа и сестри.
Психолозите кои ја отфрлаат идејата дека растењето без браќа и сестри е штетно, истакнуваат една голема предност: таквите деца се поопуштени кога разговараат со возрасни. Д-р Ален Масри за „Њузвик“ објаснува дека единствените деца „почесто комуницираат со возрасни“, поради што се чувствуваат пријатно во нивно друштво уште од најрана возраст.
Психологот Рејчел Лофтин се согласува со ова гледиште. Таа додава дека самодовербата во друштво на возрасни „понекогаш може погрешно да се протолкува како ’пребрзо созревање‘, но тоа не мора нужно да одразува забрзан емоционален развој“.
Единствените деца растат поопуштено
Пред три месеци, корисникот на „ТикТок“, PumpkinToadlet68, ја разработи идејата дека единствените деца растат поопуштено во друштво на возрасни бидејќи се однесуваат како дополнителен член на брачната заедница на нивните родители.
„Многу луѓе што имаат едно дете спаѓаат во категоријата на оние кои сакаат да го доживеат родителството, но не сакаат целиот нивен живот да се врти исклучиво околу децата“, рече тој. „За нив, додека си дете, ти си повеќе како споредна мисија отколку главна цел. Тоа се разликува од семејствата со повеќе деца, каде што родителите сакале толку многу да им се посветат на своите деца што имале неколку и вложувале труд да создадат цел свет фокусиран токму на нив.“ Иако ова ја одразува перспективата на една личност, многу деца кои израснале како единици се согласија со ова мислење во коментарите.
„Животот како единствено дете секогаш го опишувам со фразата: ‘Не постои посебна маса за деца’. Уште од мали нозе учиш да се однесуваш учтиво, да имаш добри манири и да разговараш со возрасните интелигентно и без страв. За мене тоа беше одлично искуство; одев на службени патувања и се забавував со родителите на многу интересни места, но тоа не беа типични одмори во Дизниленд“, напиша еден корисник.
Друг додаде: „За мене, тоа изгледаше како живот со двајца цимери кои се толерираа меѓусебно и имаа дете. Кога пораснав, едноставно ме ‘унапредија’ во трет цимер“. „Секогаш кога одев во посета кај пријател што имаше шест браќа и сестри, бев шокиран бидејќи постојано трчаа и скокаа низ куќата! Се прашував: ‘Зошто трчате?’ Дури сега сфаќам дека сум израснал како ‘мало возрасно лице’ – целосно се поистоветувам со ова видео!“, сподели трета личност.
Менување на наративот
Митот дека децата кои се единици се осамени и вообразени е неправеден и кон децата и кон нивните родители. Ваквите предрасуди често создаваат непотребен притисок врз семејствата што одлучуваат да имаат само едно дете, иако бројот на браќа и сестри не е пресуден фактор за развојот на личноста, дружељубивоста или способноста за градење односи.
Човек се прашува колку парови се откажале од идејата да имаат само едно дете бидејќи верувале дека тоа не е најдобриот избор за детето. Позитивно е што психолозите сè поотворено зборуваат за придобивките од тоа да се биде единствено дете и ги побиваат длабоко вкоренетите стереотипи, помагајќи им на тој начин на родителите да донесат одлуки што најдобро одговараат на нивните околности и семејни потреби.