Поранешниот службеник на ЦИА, уапсен откако властите пронашле стотици златни прачки во неговиот дом, призна дека извршил измама тешка 200 милиони долари на штета на американската влада, вклучувајќи лажни договори и недвижнини.
Според спогодбата за признавање вина, Дејвид Раш (49) мора да ѝ исплати отштета на владата и да се откаже од луксузни имоти, автомобили, часовници и други средства поврзани со неговите кривични дела, пренесува Би-би-си.
Раш исто така призна дека открил доверливи информации на странска влада – чин што можел да предизвика „тешка штета“ по националната безбедност.
„Обвинетиот ќе се изјасни за виновен бидејќи всушност е виновен за делото за кое е обвинет“, наведоа обвинителите во судскиот поднесок во кој се изложени деталите од спогодбата.
Раш првично беше обвинет за кражба на јавни средства, но сега се изјасни за виновен за измама преку електронска комуникација. Во моментот на неговото апсење, при претресот на неговиот дом биле пронајдени 298 златни прачки што ги добил за „трошоци поврзани со работата“.
Директорот на ЦИА: Ја злоупотреби својата позиција и ја изневери јавната доверба
Судските документи поврзани со спогодбата откриваат нови детали за случајот, вклучително и тоа дека Раш му открил на странски функционер постоење и опис на „таен човечки извор“. „Откривањето на такви информации може да ги загрози безбедноста и животот на човечкиот извор и на службениците на американската влада кои соработуваат со тој извор, како и способноста на американската влада да регрутира човечки извори кои се потпираат на нејзините уверувања за целосна тајност“, наведоа обвинителите во поднесокот.
Директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, изјави дека Раш „ја злоупотребил својата позиција и ја изневерил јавната доверба, поради што треба да сноси целосна одговорност за своите постапки“. Истражителите на ФБИ наведоа дека, во периодот меѓу ноември 2025 и март 2026 година, Раш постојано бараl „големи суми странска валута и десетици милиони долари во златни прачки за трошоци поврзани со работата“.
„Раш измислил програма со највисок степен на тајност за да го оправда купувањето луксузни недвижнини во Јужна Флорида, кои потоа имал намера да ги препродаде за лична добивка“, се наведува во судскиот документ во кој е опишана спогодбата.