Артан Груби излегува од притвор на 13 октомври, нуди гаранција од 335.707 евра за пасошот


obvinitelstvo-grubi-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поранешниот вицепремиер, Артан Груби, кој е второобвинет во случајот со „Државна лотарија“, излегува од притвор на 13 октомври и ќе се брани од слобода. Тој, исто така, понудил гаранција од недвижен имот од  335.707 евра за укинување на мерката со која му е одземен пасошот.


„Обвинителниот предлог, по кој е заведен кривичниот предмет, е поднесен на 13 август 2026 година. Согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот може да трае најдолго 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог. Заради тоа, како што беше посочено и претходно, а истото беше потенцирано и од страна на судијата кој постапува по предметот, по сила на Законот, мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година“, соопшти Кривичниот суд.

Мерката за одземање на пасошот, пак продолжува да важи.

„Воедно, покрај мерката куќен притвор, против обвинетиот е определена и дополнителна мерка на претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница, која ќе продолжи да важи и по истекот на законски предвидените 60 дена“, велат од Судот.

Во однос на оваа мерка на претпазливост, одбраната до Судот достави предлог, со кој, согласно член 150 од Законот за кривичната постапка, предлага нејзино укинување со определување гаранција.

„Имено, одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка. По понудената гаранција е оформен предмет, кој е доставен на мислење до надлежното јавно обвинителство. По добивањето на мислењето, Кривичниот совет ќе постапува по предлогот, а за донесената одлука странките и јавноста ќе бидат навремено известени“, соопштија од Судот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK