Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, побара да се повлече Нацрт-просторниот план, обвинувајќи дека со него се отвора простор за нови рударски проекти и дека граѓаните не биле доволно вклучени во одлучувањето.
Таа на прес-конференција рече дека во документот, кој треба да го определи просторниот развој на државата до 2040 година, се наведени пет локации за рудници на метали – Иловица–Штука, Казан Дол, Плавица, Кадиица и Луке.
Според неа, во планот се предвидува и зголемување на површините под експлоатација на критични минерални суровини од околу два на приближно десет квадратни километри.
„Пет пати поголем простор за експлоатација, а граѓаните немаат јасен приказ на точните граници и на целиот простор што би го зафатиле рударските активности“, рече Тренчевска.
Таа предупреди на можните последици врз водата, почвата, животната средина и здравјето на граѓаните.
„Никој нема право да го загрозува здравјето на граѓаните и да ја распродава државата. Природните богатства не се сопственост на Мицкоски, ниту на неговата Влада. Тие се богатство на граѓаните“, порача Тренчевска.
СДСМ најави дека ќе се спротивстави на предложениот план и побара негово повлекување. Претседателот на партијата Венко Филипче претходно исто така најави дека СДСМ нема да го поддржи планот и дека ќе се спротивстави на отворањето нови рудници.