Политички препукувања околу тендер – СДСМ обвинува, Божиновска бара извинување


broilo
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Набавката на електрични броила вредна околу 13,2 милиони евра стана тема на политички препукувања, откако опозицискиот СДСМ изнесе обвинувања за можни деловни и политички поврзувања околу компанијата избрана во постапката, а министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ги отфрли наводите и најави правни чекори доколку партијата не ги повлече.

Според јавно објавените податоци, компанијата „METER&CONTROL“ од Србија е избрана во постапката за набавка на броила, а вредноста на договорот објавен на 11 август годинава изнесува околу 812,4 милиони денари, односно приближно 13,2 милиони евра.


СДСМ во изминатите денови тврди дека „METER&CONTROL“ е поврзана со „Rudnap Group“ преку нејзината сопственичка историја и таквата врска ја доведува во контекст со претходниот професионален ангажман на министерката Божиновска. Од партијата наведуваат дека Божиновска во периодот од 2011 до 2014 година работела на раководни позиции во компании поврзани со „Rudnap Group“ во Централна и Источна Европа. СДСМ бара надлежните институции да ги проверат нивните наводи.

Божиновска денеска категорично ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како политички конструкции и побара од СДСМ да ги повлече. Таа тврди дека повеќе од 12 години нема никаква деловна или приватна релација со „Руднап“, како и дека нема никаква поврзаност со набавката или со постапката што ја спровела ЕВН. Според неа, станува збор за постапка на приватна компанија која самостојно ги спроведува своите набавки за сопствени потреби. Божиновска најави дека, доколку СДСМ не ги повлече тврдењата, ќе ги искористи расположливите правни механизми за заштита на својот углед и интегритет.

Од СДСМ возвратија дека нема да се извинат и повторно се повикаа на податоци за претходните професионални ангажмани на Божиновска, оценувајќи дека тие се релевантни за прашањата што ги поставуваат во јавноста.

Во однос на самата постапка, од ЕВН Македонија нагласуваат дека набавката била спроведена согласно законските прописи и однапред утврдените процедури.

„ЕВН Македонија ја спроведе постапката за набавка на броила во целосна согласност со важечките законски прописи и утврдените процедури. Во процесот на евалуација беа доследно применети сите релевантни критериуми и барања, вклучително и исполнувањето на условите за техничка и професионална способност, усогласеноста со барањата од техничката спецификација, како и проверката за евентуално постоење причини за исклучување на понудувачите од постапката“, велат од компанијата.

Од ЕВН додаваат дека изборот на понудувачот бил направен исклучиво врз основа на резултатите од постапката.

„Изборот на понудувач е резултат исклучиво на спроведената постапка и на исполнувањето на однапред утврдените критериуми и барања. Компанијата се оградува од какви било политички толкувања или квалификации поврзани со изборот на понудувачот“, се наведува во ставот на ЕВН Македонија.

Објавената тендерска документација покажува дека постапката била со преговарање со претходно објавување оглас, дека критериум за доделување на договорот била најниската цена, како и дека од понудувачите биле барани конкретни докази за техничка и професионална способност, меѓу кои претходни испораки на значителен број броила во најмалку три држави, мостри, софтвер и соодветни сертификати.

Промената на броилата е дел од инвестициски циклус што се спроведува во рамките на проекти за дигитализација на услугите. Промена на броилата е дел од процесот за целосно усогласување на дистрибутивниот систем со стандардите на Европската унија и истиот интензивно се спроведува во изминатите три четири години и продолжува и во следниот период.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK