Чурлинов од административни причини нема да игра за Македонија


depositphotos_792401026_xl-1.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов нема да биде во можност да настапи за македонската репрезентација на натпреварите против Швајцарија, Словенија и Шкотска во рамки на претстојниот прозорец (26.09 – 06.10) од новиот циклус од Лигата на нации.


Причината е административна процедура поврзана со неговиот престој и работниот статус во Полска. Клубот Погон Шчечин во кој настапува Чурлинов доцна ја започнал постапката за обезбедување на потребната работна и документација за негов престој.

Чурлинов во моментов се наоѓа во Европската Унија подолг период без да ја напушти нејзината територија. Согласно правилата за краткорочен престој во Шенген-зоната, престојот без соодветна дозвола е ограничен на 90 дена во период од 180 дена. Неговото напуштање на Европската Унија во овој момент би значело дека при повторен влез во Полска ќе биде предмет на проверка на исполнувањето на условите за влез и престој, поради надминување на дозволениот период без соодветна документација. Во случај на негово напуштање на Европската Унија и доаѓање во Македонија, повторното враќање во државите од Европската унија би можело да биде отежнато, односно да биде предмет на соодветни санкции поради надминување на дозволениот период на престој без потребните документи за работа и престој.

Фудбалската федерација на Македонија за ситуацијата беше информирана непосредно пред официјалниот репрезентативен собир. Поканата за настап на Дарко Чурлинов за претстојните натпревари, согласно утврдените процедури, до неговиот клуб беше испратена пред три седмици.

Според информациите добиени од Полска, за комплетирање на целата постапка и обезбедување на потребната документација потребни се најмалку две недели, што во овој момент не овозможува Чурлинов да ја напушти Полска и да се приклучи на репрезентативниот собир без ризик за неговиот понатамошен статус.

ФФМ останува во комуникација со сите инволвирани страни со цел административната процедура да биде решена во најкраток можен рок. За случајот е информирана Амбасадата на Македонија во Полска, а со ситуацијата е запознаена и УЕФА, со цел, да се изнајде соодветно решение во рамки на важечките процедури и прописи“, објави ФФМ.

Селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски, дополнително ќе одлучи дали ќе повика друг фудбалер на местото на Дарко Чурлинов за претстојните натпревари.

Новиот циклус во Лигата на нации, Македонија ќе го отвори на 26 септември, во Скопје, против Швајцарија.

Foto/ Depositphotos

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK