Ако оваа есен планирате да инвестирате во нова јакна или блејзер, можеби е време да ја оставите црната боја настрана и да испробате некоја елегантна алтернатива.
Станува збор за длабока нијанса која е доволно неутрална за лесно комбинирање, а сепак изгледа малку посвежо и поинтересно од класичната црна боја. И трендовите од модните писти и податоците од пребарувањата на интернет покажуваат дека оваа боја доживува голем камбек.
Податоците укажуваат на тоа дека интересот за поимот „темносина јакна“ (navy jacket) е зголемен за 18 проценти, додека пребарувањата за „veste bleu marine“ (темносина јакна на француски) пораснале за неверојатни 328 проценти. Овој раст покажува дека темносината боја сè повеќе го привлекува вниманието на оние што бараат нова јакна или блејзер за својата есенска гардероба.
Јакната се издвојува како едно од најдобрите парчиња за инвестирање, бидејќи е облека што може да се носи со сезони и да се комбинира на многу начини. Токму затоа, темносината јакна не е само тренди избор за оваа есен, туку и исклучително практичен додаток во вашата гардероба.
Оваа боја е интересна и поради својата богата модна историја. Таа го добила своето име од униформите на Британската кралска морнарица и оттогаш станала омилена неутрална нијанса за секојдневно носење.
Посебно место зазема култниот морнарски капут (pea coat), кој еволуирал од практична работна облека во безвременски моден класик.
Како да ја носите темносината боја оваа есен?
Наједноставната опција е класичен темносин блејзер, кој можете да го комбинирате со фармерки, панталони со широки ногавици, па дури и со лежерна фустанче. За поопуштен изглед, одберете крој со преголеми димензии (oversized) и носете го речиси како лесен капут. Кога температурите ќе паднат, одличен избор е потопла темносина јакна со струкиран крој или модел со нагласени, волуменозни раменици. А ако барате нешто повпечатливо, можете да ја комбинирате темносината боја со сива, бела, бордо или кафена.
Токму во тоа лежи шармот на оваа нијанса: таа е доволно класична за никогаш да не изгледа застарено, а сепак доволно впечатлива за да ја освежи вашата есенска гардероба.