Братот на принцезата Дијана, грофот Чарлс Спенсер, тврди дека кралицата Елизабета Втора на денот на погребот на Дијана понудила постхумно да ѝ ја врати титулата „Нејзино кралско височество“, но тој ја одбил понудата.
Тврдењето е дел од новите мемоари на Спенсер, на кои Бакингемската палата одговорила со ретко соопштение во кое се наведува дека кралот е свесен оти „тагата може да го замагли расудувањето“, пишува „Индипендент“.
Мемоарите на грофот Спенсер, насловени „Swan Song: Diary, My Sister“ („Лебедова песна: Дневник, мојата сестра“), се објавуваат во продолженија во „Дејли мејл“ пред официјалното излегување на книгата. Освен краткото соопштение од Бакингемската палата, останатите членови на кралското семејство не ги коментирале наводите од книгата.
Спенсер детално опишува како ја одбил понудата за враќање на титулата. Според него, Роберт Фелоуз, тогашниот приватен секретар на кралицата, го повикал настрана и му ја пренел нејзината порака.
„Тукушто добив повик од Нејзиното Величество… и таа би сакала да ѝ ја врати на Дијана титулата Нејзино кралско височество“, му рекол Фелоуз, според Спенсер.
Тој пишува дека неговата сестра била „страшно повредена“ од одлуката да ѝ биде одземена титулата, која ја сметала за „ситничава и одмаздољубива“, додека понудата таа да ѝ биде вратена по смртта ја доживеал како утешна награда.
„Чувствував во себе како таа би гледала на тоа постхумно признание. ‘Тоа е многу љубезно од кралицата, секако. Но, која е смислата, Роберт? Сега? Мислам – Дијана е мртва’“, пишува грофот.
Иако подоцна се прашувал дали постапил правилно, Спенсер останал на ставот дека титулата воопшто не требало да ѝ биде одземена додека Дијана била жива, па немало ни потреба да ѝ биде враќана по нејзината смрт.
Во мемоарите Спенсер изнесува и други тврдења за кралското семејство. Меѓу нив е и наводот дека кралот Чарлс, тогаш принц од Велс, во телефонски разговор со него по смртта на Дијана звучел „вртоглаво возбудено – како добитник на лотарија“.
Спенсер тврди и дека Чарлс налутено му се јавил откако тој предложил принцовите Вилијам и Хари да не одат во погребната поворка зад ковчегот на нивната мајка.
Во книгата, исто така, се наведува дека Дијана се обидела да ја раскине свршувачката со Чарлс.