Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека намалувањето на воената помош од САД е сериозна порака за нарушената доверба во власта и нејзините политики, посочувајќи дека стратешкото партнерство со САД се градеше со децении.
„Нашиот стратешки партнер очигледно е дека знае каква власт се тие и упати јасна порака, за жал, пред некој ден со тоа што за прв пат се намалува воената помош за земја. Тоа значи дека стратешките правци на земјата коишто сме ги граделе со децании како доверба се рушат поради тоа што нè води криминална власт. Сите земји, а најмногу нашиот стратешки партнер САД знаат дека оваа власт е корумпирана“, рече Филипче.
Филипе посочи и на коруптивните зделки и партиски поврзаните фирми, како и на сомнежите околу кредитот од милијарда евра.
„Многу добро знаат дека огромна сума пари од буџетот оди на коруптивни зделки за нивни партиски фирми. Многу добро знаат дека во земјава влегуваат кинески пари. Многу добро знаат дека се поткопува демократијата, затоа што оваа власт носи резолуции во Собранието со којашто се кажува којшто може да зборува. И многу добро знаат дека оваа власт е замешана во транспорт и шверц на марихуана преку граница во Србија. Многу добро знаат дека фирмите водат директно до луѓе блиски, на премиер, до Христијан Мицкоски. И кога имаме власт којашто ја поткопува демократијата, шверцува марихуана преку граница и ја контролира слободата на медиумите, носи кинески пари, нормално е да нашиот стратешки партнер ја намали воената помош за нас“, рече Филипче.