Пливачките клубови во Скопје повторно немаат каде да работат. Јавните базени се затвораат, се отвораат за камера и повторно се празнат. Децата и спортот чекаат термини што ги нема, истакнуваат од СДСМ.
Град со повеќе од половина милион жители функционира, додаваат од оваа партија, како пливањето да е луксуз, а не јавна услуга.
„Мицкоски сечеше ленти. Базенот во Кисела Вода беше пуштен пред камери, со градоначалникот Ѓорѓиевски покрај него, како завршен проект. Потоа објектот заврши под клуч. Нема часови. Нема тренинзи. Има празен бетон што се води како реализација.
Клековски во меѓувреме нареди празнење поради комарци. Прво полнат за снимање. Потоа празнат со изговор. Тоа не е управување со спортска инфраструктура. Тоа е доказ дека државата се третира како сцена, а објектот како реквизит.
Сè е како Скопје 2014. Зад фасадата – стиропор“.
Истата логика, според опозициската партија, се гледа кај жичницата на Водно.
„Три од четири безбедносни сензори не работеле додека се превезувале патници. Носечките и влечните сајли биле под дозволениот минимум. Производителот Допелмаер утврдил ризик гондолата да се откачи. Во Швајцарија поради еден неисправен сензор имало смрт. Кај нас не работеле три. ЈСП претходно уверуваше дека е безбедна.
Ѓорѓиевски ја објави опасноста. Не објави кој дозволил жичницата да превезува граѓани во таква состојба, кој потпишал прегледи во 2024 и 2025 година и кој сноси одговорност. Опасноста стана соопштение. Одговорноста остана без име“.
Како и со водата во Гостивар, посочуваат од СДСМ, нема одговорни, кривичните пријави стојат во фиока, а градот 10 недели е без извештај за исправноста на водата.
„Нема документ, нема потпис и печат. Само зборот на арамијата Мицкоски, кој лаже кога ќе прозбори, хиперхлоричарот Тошковски и Келковски, кој од првиот ден на работа во Владата е на екскурзија.
Ова е системот околу Мицкоски. Премиер, министер, градоначалник – едниот отвора, другиот затвора, едниот полни, другиот празни, едниот снима од дрон, лепи билборд со коњ со пет нозе и се повлекува кога треба да стави потпис.
Вардар и Лепенец се загадени, а проверката оди од воздух. Кој ги загадил – резултат нема.
Ѓубрето со месеци стоеше низ градот и по брегот на Вардар. За Ѓорѓиевски тоа не е комунален проблем.
Автобусите се најавуваат во круг, тендерот се реобјавува, јавниот превоз останува ист. Градот се рекламира. Не се одржува“.
СДСМ, потенцираат од таму бара одговорност, не лента. Прашуваат зошто базенот е затворен откако беше отворен со народни пари.
„Кој наредил инфраструктурата да се празни наместо да се одржува? Кој дозволил жичница да превезува патници со неисправни сензори?
Без тие одговори Скопје не добива спорт, не добива безбедност и не добива град.
Добива доказ дека власта работи за кадри и за ПР, а последиците ги остава на граѓаните“.