Во рамките на традиционалната манифестација „Денови на Општина Ѓорче Петров 2026“, продолжува богатата културно-забавна програма под наслов „Звуците на културата во Ѓорче 2026“, наменета за сите генерации.
По успешниот почеток на септемвриската програма со мјузикл, хип-хоп фестивал, театарска претстава, кино-проекции и содржини за најмладите, Општина Ѓорче Петров продолжува со нови настани кои ќе донесат музика, улична уметност, балет, хорско пеење, базар, детски работилници и дружење на повеќе локации во општината.
На 16 септември, со почеток во 18:00 часот, кај амфитеатарот во Реонскиот парк, ќе се одржи „Music Talent Show“, со настап на млади таленти, музика и театарска претстава на Алтернативен театар „Отпишани“.
Централната програма продолжува на 18 и 19 септември.
Во петок, 18 септември, на Корзото и кај амфитеатарот, програмата започнува во 18:00 часот со „Баскерфест“, по што во 18:30 часот ќе настапи Балетското студио „Ребис“, а во 19:00 часот хорот „Фрида“.
Во рамките на „На Базар“, посетителите ќе имаат можност да разгледаат штандови со ракотворби и различни производи, додека за најмладите ќе бидат организирани детски работилници и креативни содржини.
Истата вечер, во Реонскиот парк, ќе се одржи музичката програма во рамките на „Октоберфест“. Во 20:00 часот ќе настапат „Суперхикс“, во 21:30 часот „Пауза за ракија“, а вечерта ќе продолжи со настап на DJ Галоски од 23:00 часот.
Во сабота, 19 септември, програмата продолжува во Реонскиот парк. Во 19:00 часот ќе настапат The Crew, во 21:00 часот следува концертот на „Ареа“, во 22:30 часот ќе настапат „Куку Леле“, а програмата ќе ја затворат трубачите „Левис“ со почеток во 23:30 часот.
-Деновите на Општина Ѓорче Петров се можност уште еднаш да покажеме дека нашата општина е заедница која живее, создава и се развива заедно.
Сакам нашите паркови, улици и јавни простори да бидат места каде што граѓаните ќе се среќаваат, ќе се дружат и ќе создаваат убави спомени. Ги поканувам сите жители да бидат дел од програмата и заедно да ги прославиме деновите на нашето Ѓорче – рече градоначалникот Александар Стојкоски по повод завршните денови на манифестацијата „Звуците на културата во Ѓорче 2026“.
Преку различните содржини, Општина Ѓорче Петров има цел да создаде простор за дружење, културна размена и заедничко доживување на јавниот простор, каде што семејствата, младите, децата и повозрасните ќе можат да бидат дел од една заедничка атмосфера.