Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Украина и Русија постигнале договор според кој повеќе нема да ги напаѓаат енергетските постројки.
„Украина се согласи дека нема да ги напаѓа руските енергетски постројки. Русија се согласи да го стори истото! Растот на цените на дизелот во светот главно е предизвикан од војната меѓу Русија и Украина, а не од Иран“, напиша Трамп на „Трут соушал“.
Објавата на Трамп следуваше еден ден откако тој го повика својот украински колега Володимир Зеленски да престане да го напаѓа руското производство на дизел-гориво.
Украина со месеци интензивно ја напаѓа руската инфраструктура за производство на гориво, со што значително ги намали капацитетите на руските рафинерии и предизвика широко распространет недостиг. Како одговор, Русија го забрани извозот на дизел, а таа е втор најголем светски извозник на дизел, веднаш зад САД.
„Господинот Зеленски мора да направи една работа. Мора да престане да го уништува производството на дизел во Русија, бидејќи со тоа предизвикува недостиг на дизел“, рече Трамп за време на официјалната посета на Ирска.
Цената на дизелот, клучно гориво за камионите, возовите, тракторите и бродовите, во петокот во САД првпат во историјата надмина шест долари за галон, според податоците на Американската автомобилска асоцијација (ААА).
Истовремено, цените на нафтата на светскиот пазар надминаа 108 долари за барел поради војната на Блискиот Исток. Снабдувањето е дополнително ограничено поради конфликтот во Ормускиот Теснец, низ кој претходно поминуваше приближно една петтина од светското снабдување со нафта, додека САД и Иран се борат за контрола над овој клучен поморски пат.
Во меѓувреме, во петокот беше запрена работата на саудискиот нафтовод Исток-Запад, главната алтернативна рута преку која оваа земја богата со нафта извезува нафта преку Црвеното Море. До прекинот дојде по напади со дронови лансирани од Ирак, што дополнително ја отежна ситуацијата.
Но, Трамп тврди дека растот на цените на дизелот не е „предизвикан од Блискиот Исток“, туку го припиша на „она што се случува во Русија и Украина“.