(Видео) Се зголемува бројот на загинати откако ферибот се преврте во Индонезија; во тек е потрага по 129 лица


14288435.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Индонезиските власти ја интензивираа потрагата по 129 лица кои се водат како исчезнати откако вчера, поради лошите временски услови, се преврте траект во Јаванското Море. Во несреќата загинаа најмалку шест патници. Траектот „Вирго Транспорт 8“ пловел од Сурабаја, голем пристаништен град во источниот дел на индонезискиот остров Јава, кон Банџармасин на југот на островот Борнео, кога наишол на невреме, пренесува АП.


На бродот се наоѓале 243 лица. Капетанот побарал помош и пријавил дека бродот се превртел на отворено море, каде што брановите достигнувале висина и до три метри. Врската со траектот била изгубена вчера околу 2 часот наутро. Два часа подоцна, властите добиле информација дека бродот се превртел на околу 148 километри од Банџармасин. Националната агенција за потрага и спасување објави снимка од хеликоптер на која се гледа превртениот труп на бродот среде разбранувано море.

Опсежна операција за пребарување
Раководителот на Националната агенција за потрага и спасување, Мохамад Сјафи, потврди дека во потрагата учествуваат 17 пловни објекти и летала, како и околу 622 припадници на армијата, полицијата и други служби. Тој изјави дека властите испраќаат и специјализирани нуркачки тимови и поморски подводни дронови за да се забрза извлекувањето на настраданите. „Сè уште се надеваме дека ќе најдеме повеќе преживеани“, рече Сјафи.

Вчера, спасувачките екипи, со помош на блиските влекачи и други бродови, спасија 108 лица и пронајдоа шест тела. Според официјалниот список, на траектот имало 243 лица – 213 патници и 30 членови на екипажот. Сепак, во Индонезија, реалниот број на патници честопати не се совпаѓа со официјалните податоци. Бродот превезувал и 89 возила.

Загрижени членови на семејствата се собраа во командните центри во пристаништата Трисакти (Банџармасин) и Сурабаја, очекувајќи вести за своите блиски. Траектот „Вирго Транспорт 8“, долг 119 метри, бил изграден во Јапонија во 1987 година. Таму сообраќал сè до минатата година, кога бил продаден на Индонезија. Во оваа земја, која се протега на повеќе од 17.000 острови, траектите се од витално значење за транспортот. Поморските несреќи се честа појава, делумно поради недоследното спроведување на безбедносните стандарди.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK