(Видео) Филипче: СДСМ поднесе закон, минималната плата да се зголеми на 600 евра, работниците заслужуваат достоинствен живот


filipche-venko-sdsm-sobr-1-pres.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата денеска во Собранието го поднесе Законот за зголемување на минималната плата на 600 евра, односно 36.960 денари. Претседателот на СДСМ Венко Филипче, посочи дека на овој начин ќе се обезбеди работниците да имаат достоинствен живот и да ги покријат основните трошоци.


Филипче истакна дека сегашната минимална плата од 26.000 денари е недоволна во услови на раст на трошоците за живот, особено на цените на храната и горивата и не обезбедува ниту приближно доволно средства за достоинствен живот, особено имајќи предвид дека огромен број работници живеат со примања меѓу минималната и просечната плата.

„Во овој момент минималната плата изнесува 26.000 денари.Сметаме дека во оваа ситуација, на криза, на огромна цена на горивата, практично над 100 денари за литар гориво, за 50% зголемена цената на горивата од почетокот на оваа година, што повлече спирала на поскапување на сите продукти, најмногу на прехранбените продукти, што ја зголеми вредноста на потрошувачката кошничка, оваа минимална плата е апсолутно недоволна за добар, квалитетен достоинствен живот, пред сè, би рекол, на работниците – огромен број на работници, над 70% од работниците кои што живеат со примања помеѓу минималната и просечната плата во земјата“, рече Филипче.

На прес-конференцијата, Филипче посочи дека разликата меѓу минималната плата и реалните трошоци за живот е огромна, а минималната синдикална кошничка од месец во месец се зголемува.

„Во услови кога минималната синдикална кошничка изнесува близу 70.000 денари, ако на тоа се додадат пари за закуп на стан, кирија или кредит кој што се враќа за станот, сумата стигнува 90 па и над 90.000 денари, сегашната минимална плата практично покрива само 37, односно 31 % од вкупните трошоци. 37% ако се исклучи сумата на кирија или кредит за стан и 31% од вкупните трошоци ако семејството плаќа кирија или има кредит со кој што отплаќа стан. Ниту три минимални плати не се доволни за да едно семејство да преживее“, рече Филипче.

Тој додаде дека СДСМ по трет пат предлага минималната плата да биде 600 евра, откако власта двапати го одби предлогот.

„Од оваа Влада не видовме ништо како помош да се надмине кризата, ниту една категорија на граѓани кои што живеат на работна егзистенција, социјалните случаи, семејствата кои што живеат од социјална помош, семејствата со повеќе деца, семејствата кои што имаат низок степен на образование, членовите на семејството, за жал, никој ништо не виде, никаква иницијатива, ниту пак некаква помош, некаков пакет мерки, за да им се помогне на овие семејства“.

Филипче објасни и како да се обезбедат пари за реализација на зголемувањето на минималната плата, посочувајќи дека власта треба ги намали непродуктивните и луксузни трошоци.

„Има ставки во Буџетот во кои што стои јасно назначено дека тоа се ставки за луксуз, за мебел, за автомобили, за патни трошоци, за членовите на власт. Нека ги скратат тие трошоци и ете ги парите со кои што ќе се зголеми минималната плата“, рече Филипче.

Дополнително, Филипче посочи дека втората мерка што ја предлага СДСМ и коалицијата е државата да ги субвенционира придонесите за приватните компании што ќе ги зголемат минималните плати, со што зголемувањето нема да биде дополнителен товар за работодавачите.

„Втората мерка, а тоа е субвенција за придонесите за приватните компании кои што ќе ги зголемат минималните плати и разликата во придонесот да не биде дополнителен терет на приватните компании. Значи и приватните компании да излезат во пресрет, да ги зголемат минималните плати, а разликата во придонесите која што ќе произлезе од зголемувањето на минималната плата со помош, пакет мерки, да го преземе на свој терет власта“, рече Филипче.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK