Клековски: По повеќе од една деценија ажурирана е листата на есенцијални лекови


klekovski-pres-4.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за здравство, Сашо Клековски денеска одржа прес конференција заедно со шефот на канцеларијата на СЗО во земјава, Аким Али, и деканот на Фармацевтскиот факултет, проф.д-р Зоран Стерјев на која ги презентираа новините во ажурирањето на Листата на есенцијални лекови.


– По повеќе од една деценија, нашата држава има ажурирана и официјално објавена Листа на есенцијални лекови, базирана на современи стручни и јавно-здравствени принципи. Стручната ревизија беше спроведена во рамките на Националната платформа за лекови, со поддршка од Светската здравствена организација и со учество на релевантни национални институции и засегнати страни, а по финализирањето и усогласувањето со Секретаријатот за законодавство, Есенцијалната листа на лекови е објавена во Службен весник. Со ажурирањето на оваа листа се овозможува следење на современите достигнувања и препораки во фармакотерапијата, поголем фокус на лекови од приоритетно јавно-здравствено значење, поддршка на клиничкото одлучување и стандардизираното лекување, како и подобро планирање и управување со лековите, потенцираше министерот Клековски.

Тој посочи дека е особено значајно што за првпат Листата вклучува и лекови за контрацепција, како и лекови за никотинска заместителна терапија и со тоа дополнително се зајакнува улогата на превенцијата во здравствениот систем, а воедно испраќаме јасна порака дека здравствената политика треба не само да лекува болест, туку и активно да го штити и унапредува здравјето на населението.

Новата листа е систематизирана во 28 терапевтски области и содржи подетално дефинирани подгрупи, фармацевтски дозирани форми, јачини и начини на употреба. Во неа се вклучени современи терапевтски опции во повеќе области, меѓу кои заразни заболувања, ХИВ, вирусни хепатити, онкологија, неврологија, кардиологија, репродуктивно и перинатално здравје.

– Паралелно со проширувањето, направена е и рационализација на постојниот состав на листата. Од листата од 2015 година се отстранети лекови кои повеќе не се определени како приоритетни во новиот терапевтски концепт, додека кај одредени лекови е извршена промена на активната супстанција, формулацијата или е предвидена соодветна терапевтска алтернатива. Според извршената споредба, идентификувани се 12 избришани и 193 новододадени лекови/активни супстанции, додаде министерот.

Воедно, тој ја нагласи дистинкцијата помеѓу Листата на есенцијални лекови и Позитивната листа на лекови и заклучи дека ажурирањето на Есенцијалната листа претставува значаен чекор кон посовремен, поправичен и поодржлив здравствен систем.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK