Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Гренланд, најави пакет од 200 милиони евра за островот, кој беше во фокусот на вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп во последните месеци.
„Европа донесе одлука: да биде поприсутна и поангажирана во Гренланд и Арктикот“, рече таа на прес-конференција во Нук, главниот град на Гренланд. Фон дер Лајен денес ја завршува дводневната посета на Гренланд, автономна територија во рамките на Данска.
„Гренланд мора да остане со Европа, а не со САД“, повтори Фон дер Лајен за време на нејзината посета на островот, според Франс Прес.
„На Гренланд ѝ е потребна Европската Унија“
Кризата меѓу САД и нивните европски сојузници избувна претходно оваа година, кога Трамп повторно почна да бара САД да го преземат Гренланд и не ја исклучи можноста за употреба на воена сила. Дури на 21 јануари, во говор на Светскиот економски форум во Давос, Трамп рече дека нема да употреби сила. Тензиите се смирија после тоа, но тој не се откажа од својата желба САД да ја добијат контролата врз Гренланд.
Фон дер Лајен директно се осврна на кризата во Нук, иако не го спомена Трамп по име. „Иднината на Гренланд ја одлучуваат жителите на Гренланд и Данска. Никој друг“, рече таа.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, и данската премиерка Мете Фредериксен, на истата конференција изјавија дека Гренланд „има потреба од Европската Унија“, но и дека ЕУ „има потреба од Гренланд“. Гренланд треба да ги користи новите европски средства за конкретни развојни проекти, првенствено за подобрување на сателитските капацитети и подобар пристап до интернет на север и исток од островот.