Компакт-дисковите повторно стануваат популарни, а во првата половина од 2026 година нивната продажба пораснала за 16 отсто, покажуваат податоците на американската компанија „Луминејт“. Само во САД во овој период биле продадени 16,3 милиони ЦД-а.
Најголемото изненадување е што враќањето на овој формат го предводат генерацијата З и миленијалците. Растот на продажбата на ЦД-а е значително поголем и од оној на винилните плочи, кој изнесува 2,4 отсто.
Една од причините е желбата на младите за физички формат и слушање музика без екран, апликации, лозинки и известувања. Значајна улога има и К-попот, а „Arirang“ на БТС е најпродаваното ЦД годинава.
Истовремено, 60 отсто од припадниците на генерацијата З велат дека главно слушаат музика од 1990-тите или од претходните децении, во споредба со само 18 отсто пред пет години.
Како дополнителни предности на ЦД-ата се наведуваат квалитетот на звукот, пониската цена во однос на винилот и можноста музиката да се слуша без постојаните одвлекувања на вниманието што ги носат паметните телефони и стриминг-платформите.