Поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој од Хашкиот трибунал беше осуден на доживотен затвор за геноцид и други воени злосторства во Босна и Херцеговина, денеска ќе биде погребан на Топчидерските гробишта во Белград.
Посмртните останки на Младиќ, кој почина на 27 август во Хаг на 85-годишна возраст, се изложени во црквата „Свети Лука“ во Белград. Според најавите, опелото ќе го служи поглаварот на Српската православна црква, Порфириј.
Од Република Српска кон Белград се организирани автобуси со поранешни припадници на Војската на РС и други граѓани. Според Борачката организација на Република Српска, кон Белград се упатиле вкупно 55 автобуси од повеќе градови.
Младиќ во 2021 година беше правосилно осуден на доживотен затвор по 10 од 11 точки од обвинението. Тој беше прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница, каде во 1995 година беа убиени околу 8.000 Бошњаци, како и за прогон и присилно преместување, тероризирање цивили за време на опсадата на Сараево и земање припадници на ОН како заложници.
Во саботата во Домот на Војската на Србија во Белград беше одржана и комеморација за Младиќ. Европската комесарка за проширување Марта Кос ја откажа планираната посета на Србија, наведувајќи дека величењето на лице осудено за геноцид и воени злосторства е неспоиво со вредностите врз кои се темели патот кон Европската Унија.