Алтернатива за Германија (АфД) оствари историска победа на изборите во источната германска покраина Саксонија-Анхалт, но остана без апсолутно мнозинство во покраинскиот парламент.
По пребројувањето на гласовите, АфД освои 43,8 отсто и 39 од вкупно 83 пратенички места. За апсолутно мнозинство се потребни 42 пратеници, што значи дека на партијата ѝ недостигаат три мандати.
ЦДУ заврши на второто место со 17,2 отсто од гласовите и 15 мандати, што претставува тежок пораз за партијата на германскиот канцелар Фридрих Мерц. СПД освои 9,3 отсто и осум мандати, Зелените 8,9 отсто и осум мандати, Левицата 8,6 отсто и исто така осум мандати, додека Сојузот на Сара Вагенкнехт (БСВ) со 5,3 отсто доби пет места.
Водечкиот кандидат на АфД, Улрих Зигмунд, резултатот го нарече историски момент.
„Луѓето многу јасно покажаа дека конечно сакаат политички промени. И пред сè, покажаа дека ги сакаат со нас“, изјави Зигмунд.
АфД водеше силна кампања за „ремиграција“, односно враќање на луѓето кои не се Германци во нивните матични земји. Партијата се залага и за ограничување на имиграцијата, традиционални вредности во училиштата и културните институции и реформа на јавниот радиодифузен систем. Таа има и проруски позиции и се противи на натамошната помош за Украина.
Копретседателката на АфД, Алис Вајдел, по изборите порача дека на Германците им е доста од политика која, според неа, се води спротивно на интересите на Германија.
И покрај убедливата победа, АфД се соочува со проблем при формирањето влада. Главните германски партии ја отфрлаат можноста за соработка со АфД, чиј огранок во Саксонија-Анхалт покраинската служба за заштита на уставот го класифицира како потврдено десноекстремистички.
Една од теоретските можности за мнозинство би била соработка со БСВ, но Зигмунд ја исклучи таквата коалиција, оценувајќи дека БСВ е „дел од проблемот, а не решение“. Од друга страна, копретседателот на АфД, Тино Хрупала, изјави дека партијата е подготвена да им „подаде рака“ на сите партии.
Распределбата на мандатите дополнително ја усложнува ситуацијата бидејќи, според резултатите, дури и обединување на сите други партии не би обезбедило парламентарно мнозинство. Поради тоа, како една од опциите се наметнува малцинска влада.
Изборниот резултат претставува сериозен политички удар за канцеларот Фридрих Мерц и ЦДУ, која во Саксонија-Анхалт загуби половина од своите гласови.
Актуелниот покраински министер од ЦДУ, Свен Шулце, рече дека гласачите испратиле јасна порака која партијата мора да ја препознае.
Вајдел, пак, по победата прогнозираше смена на Мерц и одржување предвремени сојузни избори „пред Божик“.
Изборниот успех на АфД нема директно да ѝ овозможи да ја менува германската надворешна или миграциска политика, бидејќи за тие прашања не се одлучува на ниво на сојузните покраини. На покраинско ниво, партијата би можела да има поголемо влијание врз прашањата поврзани со културата, образованието и локалната полиција.