Фондацијата „Атанас Близнакоф“ го продолжува рокот за аплицирање за стипендии за студентска извонредност до 15 септември.


rok_2025
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Фондацијата „Атанас Близнакоф“, во стратешка соработка со Македонија2025 и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), го продолжува рокот за аплицирање за стипендии за студентска извонредност за академската 2026/2027 година.

Новиот краен рок за поднесување на апликациите е 15 септември 2026 година. Сите останати услови и критериуми наведени во повикот остануваат непроменети.


Повикот е наменет за редовни студенти кои во академската 2026/2027 година се запишуваат во прва година на прв циклус студии при УКИМ. Основната мисија на програмата е да обезбеди еднаков пристап до образование, континуирана финансиска поддршка и силна мотивација за младите луѓе да го продолжат своето образование и да ги остварат своите академски и професионални амбиции.

Стипендиската програма е структурирана во два дела и нуди вкупно 50 стипендии, секоја во износ од 2.500 американски долари годишно.

Првиот дел од повикот опфаќа 40 стипендии за студентска извонредност, наменети за редовни студенти на сите факултети при УКИМ. Стипендиите имаат цел да ги поддржат младите луѓе кои покажуваат одлични резултати и посветеност, но се соочуваат со финансиски предизвици.

Вториот дел вклучува дополнителни 10 стипендии, наменети за поттикнување на студентите да се запишат во области од суштинско значење за одржливата иднина на земјата. Тие ги опфаќаат земјоделството, производството на храна, ветеринарната медицина, шумарството, екологијата, екоинженерингот, природните науки, циркуларната економија и одржливиот развој.

За овие 10 стипендии можат да аплицираат студентите кои се запишуваат на Факултетот за земјоделски науки и храна, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Природно-математичкиот факултет, Факултетот за ветеринарна медицина и Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во Скопје.

„Нашата мисија е јасна – да ги поддржиме младите таленти кои се вистинската иднина на нашето општество. Преку овие стипендии сакаме да осигуриме дека финансиските пречки нема да застанат на патот на студентската извонредност. Секој млад човек заслужува еднаква можност да го оствари својот целосен потенцијал, а ние сме тука да му го олесниме тој пат и да го охрабриме да цели високо“, изјави претставник на Фондацијата „Атанас Близнакоф“.

Од Македонија2025 го нагласуваат сеопфатниот карактер на програмата:

„Стипендијата на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ не е само финансиска поддршка, туку целосна програма за личен и професионален развој. Покрај финансиската поддршка, секој стипендист добива пристап до менторство од врсници и искусни професионалци, практикантски позиции и обуки за развој на вештини. Веруваме дека младиот човек не треба да избира меѓу финансиска поддршка и професионален раст“, истакна претставник на Македонија2025.

Кандидатите треба да ги исполнуваат следните критериуми: да се државјани на Република Северна Македонија, да се запишуваат како редовни студенти во прва година на УКИМ, да имаат завршено средно образование со просечен успех од најмалку 4,00 и да доаѓаат од семејства во кои финансиската поддршка е од особено значење за продолжување на нивното образование. Кандидатите не смеат да бидат корисници на друга стипендија повисока од 6.000 денари месечно.

Апликантите не мора да бидат официјално запишани на УКИМ во моментот на поднесување на апликацијата. Потврдата за статус на редовен студент се доставува дополнително само доколку кандидатот биде избран за стипендист.

Македонија2025 им се заблагодарува на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ и на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за долгогодишната доверба и партнерството во спроведувањето на програмата. Заедничката посветеност кон развојот на младите таленти и создавањето идни професионалци и лидери претставува темел на оваа партнерска програма.

Ги повикуваме сите амбициозни млади луѓе кои планираат да се запишат на УКИМ да ја искористат оваа можност и навреме да ја поднесат својата апликација.

Краен рок за аплицирање: 15 септември 2026 година, до 23:59 часот.

Повеќе информации за програмата „Атанас Близнакоф“:
https://www.macedonia2025.com/en/what-we-do/leadership-development/atanas-bliznakoff-scholarships-for-student-excellence

Услови и детални информации за отворениот повик:
https://www.macedonia2025.com/en/news/stipendii-od-fondacijata-atanas-bliznakof-za-redovni-studenti-zapishani-vo-prv-ciklus-studii-pri-univerzitetot-sv-kiril-i-metodij-vo-skopje-vo-akademskata-2026-2027-godina

Електронско аплицирање:
https://e-scholarship.macedonia2025.com/Authorized#/scholarship-details/23

За дополнителни информации и контакт:

Е-пошта: [email protected]

Телефон: 02/3161015

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK