Европската комесарка за проширување Марта Кос денеска соопшти дека нема да ја реализира планираната посета на Србија, наведувајќи дека величењето што следува по смртта на Ратко Младиќ е неспоиво со вредностите врз кои се гради патот кон Европската Унија. На нејзината одлука реагираше српскиот претседател Александар Вучиќ, кој објаснувањето го нарече „глупаво“.
Кос во објава на платформата X наведе дека Младиќ бил „осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства“ и дека враќањето на неговите посмртни останки во Белград ја потсетува Европа на „најмрачните страници од нашата понова историја“.
„Величењето што ја следи неговата смрт е неспоиво со вредностите врз кои се гради патот кон ЕУ. Тој пат бара соочување со минатото, вистинско помирување и почитување на жртвите на воените злосторства“, порача Кос.
Таа додаде дека „вредностите врз кои почива нашата заедничка иднина не се предмет на преговори“.
„Во тој контекст, одлучив во овој момент да не ја реализирам планираната посета на Србија“, соопшти Кос.
Вучиќ остро реагираше на нејзината одлука и рече дека образложението било „исклучително кратко, но глупаво“.
„Објаснувањето беше исклучително кратко, но глупаво, како и обично. ‘Величење’ на генералот Ратко Младиќ, само не кажува кој величел што било. И кога не можат да најдат ништо конкретно, тогаш се занимаваат со подвозници, надвозници, требаше веројатно да им забраниме на луѓето да се појават, треба да го забраниме погребот, кучешки гробишта да правиме“, рече Вучиќ пред новинарите.
Тој дополнително ја критикуваше Кос, оценувајќи дека „секогаш кога има нешто лошо што би го кажала за Србија, таа секогаш е гласник и родоначалник на такво нешто“.