Пред една година граѓаните ни ја дадоа својата доверба за да продолжиме да ја развиваме Општина Гази Баба. Денес, сакам да им се заблагодарам за таа доверба. Ви благодарам за поддршката, но уште повеќе – ви благодарам за трпението, за сугестиите и за критиките кои ни помагаат да бидеме подобри, изјави Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба.
Тој кажа дека Општината денес е претворена во едно големо градилиште.
„Во првата година од мандатот реализиравме или започнавме со реализација на вкупно 168 проекти. Тоа се 168 конкретни активности кои значат подобри услови за живот, подобра инфраструктура, подобро образование, подобра грижа за децата, но и мерки за младите и за семејствата. Од изборната програма со која ја побарав и ја добив довербата од граѓаните, во само една година реализиравме скоро 30 проценти од истата. Тоа е сериозна динамика и јасна потврда дека она што го ветивме не остана само на хартија. Она што го ветивме – го реализираме“, рече Стефковски.
Тој најави дека ќе продолжи со истото темпо и рече дека довербата што ја добил не ја смета за привилегија туку ја смета за обврска.