Околу 11.727 деца на возраст од 12 до 17 години кои користат интернет во Македонија, односно 9,4 отсто, доживеале барем една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во годината пред истражувањето, покажува новиот извештај на УНИЦЕФ „Низ детските очи: Како дигиталните технологии овозможуваат сексуална злоупотреба на деца“.
Иако стапката во Северна Македонија е пониска од просечната преваленца од 18 отсто во 21 земја опфатена со анализата, податоците откриваат неколку особено загрижувачки показатели. Кај дел од нив Северна Македонија има највисока преваленца меѓу деветте земји вклучени во вториот круг од истражувањето.
Највисоки стапки на закани и уцени
Во Северна Македонија, 4,4 отсто од децата пријавиле дека добивале закани или биле уценувани да се вклучат во сексуални активности, во споредба со просекот од 3 отсто во деветте земји.
Кај 4,2 отсто добивале закани дека ќе бидат распространети нивни сексуални слики или видеа, што е повеќе од двојно над просекот од 2 отсто.
По двата показатели Северна Македонија има највисока преваленца меѓу деветте земји опфатени во вториот круг од истражувањето.
Земјава има највисока преваленца и кога станува збор за нов ризик поврзан со вештачката интелигенција. Вкупно 4,3 отсто од децата пријавиле дека биле создадени сексуални слики или видеа генерирани со вештачка интелигенција што ги прикажуваат нив. Просекот во опфатените земји е 2 отсто.
Во осум од десет случаи детето го познавало сторителот
Податоците го побиваат и уверувањето дека опасноста на интернет главно доаѓа од непознати лица.
Во Северна Македонија дури 80 отсто од инцидентите вклучувале лице што детето веќе го познавало – пријател, член на семејството, романтичен партнер или познајник. Тоа е највисокиот процент меѓу земјите вклучени во студијата, а просекот изнесува 57 отсто.
Над половина од сторителите, односно 52,8 отсто, првпат биле запознаени на јавно место. Дополнително, 18,3 отсто од децата првпат го сретнале сторителот на училиште, а 18,5 отсто дома.
Овие податоци, според УНИЦЕФ, покажуваат дека злоупотребата со помош на технологија не е исклучиво онлајн-појава, туку често произлегува од постоечките односи на децата и нивното секојдневно опкружување.
Северна Македонија има и најголем процент полнолетни сторители меѓу деветте земји од вториот круг на истражувањето. Речиси шест од десет инциденти, или 59 отсто, вклучувале возрасен сторител, додека просекот изнесувал 34 отсто.
Децата кои биле изложени на злоупотреба многу почесто пријавувале самоповредување
УНИЦЕФ предупредува и на сериозните последици врз благосостојбата на децата.
Во Северна Македонија, децата изложени на експлоатација со помош на технологија имале 8,6 пати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и 9,4 пати поголема веројатност да пријават самоповредување во споредба со децата кои не биле изложени.
Според извештајот, во Северна Македонија е забележана најголемата поврзаност меѓу изложеноста на ваква експлоатација и овие два показатели во споредба со 21 земја опфатена со студијата.
Речиси девет од десет деца кажале некому што им се случило
Од друга страна, Северна Македонија има највисока стапка на обелоденување меѓу земјите-учеснички.
Дури 87,6 отсто од децата кои доживеале злоупотреба му кажале некому што им се случило, во споредба со просекот од 59 отсто. Најчесто им се доверувале на мајките, пријателите, татковците, браќата и сестрите.
Сепак, помалку од еден отсто од случаите биле пријавени преку формалните механизми за поддршка, како полицијата, социјалните работници или телефонските линии за помош.
УНИЦЕФ: 20 милиони деца биле изложени на злоупотреба и експлоатација
УНИЦЕФ проценува дека 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години, односно речиси секое петто дете, биле изложени на барем една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија во период од една година во 21 земја.
Над 15 милиони деца биле изложени на несакана сексуална содржина, од девет милиони било побарано да се вклучат во сексуални разговори или против своја волја да споделат сексуални слики, а сексуални слики од четири милиони деца биле споделени без нивна согласност.
УНИЦЕФ предупредува дека вистинскиот обем на проблемот веројатно е уште поголем поради непријавувањето на случаите.
„Извештајот открива болна реалност. Повеќе од 20 милиони деца во земјите опфатени со истражувањето биле изложени на несакана експлицитна сексуална содржина или експлоатација преку интернет, често во дигиталните простори каде што учат, играат и се поврзуваат со пријателите“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
Таа предупреди дека овие искуства предизвикуваат длабоко емоционално и психичко страдање и дека многу деца молчат бидејќи не знаат каде да побараат помош.
Речиси 60 отсто од случаите се поврзани со социјалните мрежи
Речиси 60 отсто од случаите опфатени со истражувањето се случиле на социјалните мрежи, меѓу кои Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Вотсап, додека 14 отсто се случиле во онлајн-игри.
Во 57 отсто од случаите било вклучено лице кое детето веќе го познавало, вклучително врсници, романтични партнери, пријатели и членови на семејството. Во исто време, 38 отсто од децата првпат го сретнале сторителот на интернет.
Децата кои биле изложени на експлоатација со помош на технологија, во целина, имале четирипати поголема веројатност да пријават самоубиствени мисли или однесување и самоповредување, а пријавувале и значително повисоко ниво на анксиозност.
Над 40 отсто од случаите никогаш не биле откриени пред никого, а помалку од еден отсто биле пријавени кај надлежните институции. Најчеста причина поради која децата молчеле била тоа што не знаеле каде да одат или кому да кажат.
УНИЦЕФ бара поголема одговорност од технолошките компании
УНИЦЕФ повикува на итна реакција на владите, технолошките компании и другите чинители.
Дигиталните платформи, според организацијата, треба да бидат „безбедни по дизајн“, со посилна заштита на приватноста на децата, ограничување на несаканите контакти од возрасни, побезбедни системи за препораки и подобри механизми за откривање и пријавување злоупотреба.
Се бара и зајакнување на законите и регулативата за справување со новите форми на злоупотреба, меѓу кои сексуалното изнудување и материјалите со сексуална злоупотреба создадени со вештачка интелигенција.
УНИЦЕФ бара и подобри системи за пријавување и поддршка на кои децата можат да им веруваат, како и поголеми вложувања во детската заштита, здравството, правосудството и социјалните услуги.
Организацијата нагласува дека товарот за заштита не смее да биде ставен врз децата. Семејствата, училиштата и заедниците треба да им дадат поддршка кога ќе проговорат за злоупотребата и да им помогнат безбедно да стигнат до соодветна помош.
Меѓу препораките се и намалување на економската ранливост што ја користат сторителите, преку поголема поддршка за семејствата и проширување на можностите за образование и вработување на децата и младите, како и справување со родовите и општествените норми што ја нормализираат сексуализацијата на девојчињата и ги стигматизираат жртвите на сексуално насилство.
„Сите ние, вклучувајќи ги владите и технолошките компании, мора да направиме повеќе за да ги заштитиме децата на интернет“, порача Расел.
Истражувањето опфатило околу 21.000 деца
Извештајот се базира на национално репрезентативни анкети со приближно 21.000 деца-корисници на интернет на возраст од 12 до 17 години во 21 земја, како и детални интервјуа со 100 млади луѓе кои доживеале злоупотреба во детството.
Бидејќи истражувањето опфаќало само деца кои користат интернет, резултатите се репрезентативни за оваа група, а не за сите деца, особено во земјите со послаба интернет-поврзаност.
Истражувањето е спроведено од УНИЦЕФ како дел од проектот „Спречување на штетата“, кој заеднички го реализираат УНИЦЕФ, ЕКПАТ Интернационал и ИНТЕРПОЛ.
Првиот круг, со податоци собрани главно во 2020 и 2021 година, опфатил 12 земји, додека вториот круг, спроведен во 2024 и 2025 година, ги опфатил Ерменија, Бразил, Колумбија, Доминиканската Република, Мексико, Црна Гора, Северна Македонија, Пакистан и Србија.
УНИЦЕФ нагласува дека споредбите меѓу земјите треба да се толкуваат внимателно, а одредени показатели во глобалната анализа се усогласени за да овозможат споредба и затоа може малку да се разликуваат од бројките во националните извештаи.