Божиновска на првиот училишен ден во Велес: Eнергетската иднина не се гради само со инвестиции и технологија туку и со знаење и квалификувани кадри


iam04243.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По повод почетокот на новата учебна година, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска го посети ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ во Велес, каде што се сретна со директорот Горан Богоевски, наставниците и учениците и се запозна со наставниот процес, практичната обука и условите за образование.


На првиот училишен ден, министерката им се обрати на учениците, посочувајќи дека стручното образование е една од клучните основи за идниот развој на државата и дека професионалните вештини ќе имаат сè поголемо значење во услови на забрзан технолошки и економски развој.

„Нема мала или голема професија. Има професионалност, знаење и посветеност. На една модерна економија ѝ се потребни и инженери и техничари, и програмери и автомеханичари, и електричари и механичари, и мајстори и претприемачи. Затоа, драги ученици, ценете го знаењето што го стекнувате овде. Не учите само за оценка и не учите само за диплома – учите професија“, порача Божиновска.

ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“ има повеќе од 60 години традиција во стручното образование и денес е најголемото државно средно училиште во општина Велес, со околу 980 ученици. Во училиштето се реализира образование во машинската, електротехничката, сообраќајната и угостителско-туристичката струка, со повеќе образовни профили, меѓу кои машински техничари, автомеханичари, електротехничари, техничари за компјутерска техника и автоматика, техничари за индустриска мехатроника, техничари за транспорт и шпедиција, готвачи и келнери.

Особено значење за Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини има образовниот профил електротехничар-енергетичар, кој директно се поврзува со потребите на енергетскиот сектор.

„Енергетскиот сектор денес е во период на големи промени. Македонија гради нов енергетски систем, вложува во обновливи извори, во соларни и ветерни електрани, во модернизација на мрежата, во складирање енергија и во нови технологии. Но, ниту една електрана, ниту една мрежа и ниту една нова технологија не може да функционира без квалитетни луѓе“, истакна министерката.

Таа нагласи дека во иднина ќе има сè поголема потреба од кадри кои ќе знаат да работат со паметни мрежи, батериски системи, автоматизирани постројки, дигитални системи и нови енергетски технологии.

Во рамки на посетата, министерката разговараше со директорот Горан Богоевски и за можностите за продлабочување на соработката меѓу Министерството и училиштето, особено во делот на практичната настава и поврзувањето на образованието со реалните потреби на енергетскиот сектор.

Беше разгледана и иницијативата за воспоставување поинтензивна институционална соработка, со цел унапредување на образовните процеси, размена на знаења и искуства и создавање дополнителни можности за учениците да стекнат практични знаења и искуства релевантни за енергетиката и индустријата.

„Енергетската транзиција нема да ја направат само инвестициите и технологијата. Ќе ја направат и луѓето со знаење и вештини. Затоа како Министерство сакаме уште посилно да ја поврзуваме енергетиката со образованието, со компаниите и со младите“, истакна Божиновска.

На почетокот на новата учебна година, министерката им порача на учениците да бидат љубопитни, да не се плашат од технологијата и промените и постојано да инвестираат во сопственото знаење.

„Не размислувајте само каде ќе најдете работа. Размислувајте каде можете да создадете вредност. Не плашете се од технологијата – научете ја. Не плашете се од промените – бидете тие што ќе ги носат.“

Министерката Божиновска на учениците, наставниците и родителите им посака успешна нова учебна година, со многу знаење, успех и храброст за остварување на своите цели.

„Македонија има потреба од вашата енергија, вашите идеи и вашите вештини.“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK