Руското Министерство за надворешни работи испрати протест до јапонската амбасада во Русија поради претстојните воени вежби на Јапонија со Соединетите Американски Држави, изјави денес портпаролката на тоа министерство, Марија Захарова.
Таа на брифинг за медиумите на маргините на Источниот економски форум изјави дека загриженоста на Москва во врска со најавените маневри била пренесена до јапонската амбасада во Русија во понеделникот, објави РИА Новости.
Захарова истакна дека на јапонската страна ѝ било пренесено дека воените активности во близина на источните граници на Русија се целосно неприфатливи.
Таа изјави дека распоредувањето на американски ракети „Тајфун“ во Јапонија, дури и за воени вежби, е неприфатливо за Русија и претставува закана за нејзината безбедност.
Захарова ја повика Јапонија да се врати на политиката на пацифизам.
Во јуни, американската војска го испрати својот ракетен систем со среден дострел „Тајфун“ во префектурата Кагошима за заеднички вежби со јапонските сили за самоодбрана, објавија јапонските медиуми во тоа време.
Медиумите наведоа дека е планирано овие ракети да учествуваат во заедничка вежба овој месец, по што од средината на октомври ќе бидат преместени во американската воена база во Јапонија.
Источниот економски форум се одржува од 1 до 4 септември во Владивосток, на крајниот југоисток од Русија, пренесува Танјуг.