Девет месеци по преземањето на функцијата, градоначалникот на Скопје, Орце Георгиевски, сè уште нема обезбедено функционален и редовен јавен превоз за скопјани, обвини советничката на СДСМ во Советот на Град Скопје, Кети Штерјова.
„Градоначалник, во предизборната кампања ветувавте квалитетен и целосно функционален јавен градски превоз, вклучително и обезбедување доволен број исправни автобуси и навремено движење согласно возниот ред. Во едно интервју рековте дека првиот чекор ќе ви биде темелна ревизија на работењето на ЈСП од страна на експерти. Јас до сега не сум видела резултати од таа ревизија“, рече Штерјова.
Таа нагласи дека реалноста во ЈСП и натаму е далеку од ветувањата, а претпријатието продолжува да се соочува со сериозни финансиски и оперативни проблеми.
„И по девет месеци сликата со јавниот превоз е речиси иста како претходно. Бројот на автобуси е далеку од потребниот, а ЈСП е сè уште задолжено. Расипани автобуси, нередовен превоз, незадоволни патници кои се возат без клима на плус 40 степени. Градоначалник, состојбата во ЈСП е катастрофална и покрај субвенциите кои Град Скопје до сега ги даде на претпријатието“, истакна советничката од СДСМ.
Штерјова, обвини дека додека скопјани чекаат на нови автобуси и неизвесно е дали најавениот тендер ќе биде успешно реализиран, градоначалникот се занимава со промоција на наводни заштеди.
„Сè уште сме во исчекување дали тендерот ќе успее, дали ќе се испорачаат автобусите. И додека ги чекаме новите автобуси, проработи вашиот ПР и се пофаливте дека сте заштедиле половина милион евра за гориво за изминатите шест месеци и тоа со повеќе од 50 автобуси во сообраќај. Прашувам, каде се тие автобуси и дали се невидливи само за нас? На Скопјани не им треба градоначалник кој ќе се фали со помали трошоци, им треба градоначалник кој ќе обезбеди функционален градски превоз. Затоа, помалку фалење со бројки, а повеќе автобуси, ред и одговорност“, порача Штерјова.
Советничката од СДСМ посочи и на вчерашниот инцидент со запалениот двокатен автобус на Водно, предупредувајќи дека безбедноста на патниците мора да биде приоритет и дека мора да се утврди одговорност.
„Секако да не ни се случи вчерашната хаварија и глетката за запален автобус на Водно. Очигледно, овој двокатен автобус е ист како сите други – темпирана бомба и опасност од многу поголема трагедија. Дали одговорност конечно ќе има, за да не се случи трагедија? Среќа беше вчера што возачот реагираше навреме и спречи катастрофа“, рече Штерјова