ДОМ ја поздравува одлуката на Советот на Општина Пехчево едногласно да ја отфрли иницијативата за изградба на дата-центар.
Според партијата, ова е важен чекор, но тука не завршува приказната.
„Ќе продолжиме внимателно да ги следиме сите постапки за изградба на дата-центри, како и да реагираме секогаш кога ќе има обиди вакви проекти да се туркаат без доволно информации, без јавноста да биде навремено информирана и без јасни анализи за влијанието врз потрошувачката на вода и струја. Потенцијалните продобивки и штетни последици од ваквите проекти мора да се објавуваат навремено и транспарантно со целосно вклучување на сите засегнати страни. И ова не е прашање само за Пехчево. Истите правила мора да важат на целата територија на Македонија“, велат од ДОМ.
Од таму истакнуваат дека на Македонија ѝ треба дигитален развој, но не по цена на животната средина и јавниот интерес.
„ДОМ ќе продолжи да следи и да реагира бидејќи за секој дата-центар, во секоја општина – одлуките мора да се носат целосно транспарентно, одговорно и со учество на граѓаните“, се наведува во соопштението.