Заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, изјави дека САД ги „молат“ своите сојузници за помош, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со сериозни економски последици за земјите што помагаат или соработуваат со Иран.
„Тие тврдат дека Иран е на работ на пораз, дека виси на конец, а сепак ги молат сите свои сојузници да им помогнат“, напиша Гарибабади на социјалната мрежа Икс.
Неговата реакција дојде откако Трамп се закани со „економски ден Д“ за земјите што продолжуваат да му помагаат на Иран или соработуваат со Техеран, најавувајќи нова фаза на економски притисок.
Гарибабади, заменик-министерот за надворешни работи задолжен за правни и меѓународни работи, оцени дека ова е уште една погрешна проценка од страна на Вашингтон.
„Секој пат се принудени да создадат уште поголем пораз за себе за да го прикријат претходниот“, изјави тој.
„Војната не даде резултати, па сега следниот неуспех го нарекоа „економска војна““, додаде иранскиот функционер.
Гарибабади ги поврза критиките кон САД и со податоците според кои јавниот долг на САД за прв пат надмина 40 милијарди долари.
Неговите изјави доаѓаат по најавата на Трамп за „разорна економска операција“ против Иран, со која Вашингтон се стреми дополнително да го зголеми притисокот врз Техеран.