Осумгодишно девојче вечерва било нападнато од глутница бездомни кучиња во Ѓорче Петров, во близина на раскрсницата меѓу улиците „Мис Стон“ и „Христо Батанџиев“ (поранешна „Социјалистичка зора“). Само благодарение на брзата реакција на две возрасни лица, кои успеале навреме да стигнат до девојчето и да ги растераат кучињата, бил спречен можен трагичен исход. Детето, за среќа, било спасено од директен напад, но по случката е сериозно и видно потресено и исплашено.
Жителите од овој дел на Ѓорче Петров алармираат дека проблемот не е нов. Според нив, пред неколку недели, практично преку ноќ, во реонот се појавила поголема глутница бездомни кучиња. Поради ненадејното појавување на толкав број кучиња, меѓу жителите постои сомневање дека тие можеби биле донесени и оставени во населбата.
Дополнително, жителите посочуваат дека една жена од околните згради редовно остава и расфрла храна за кучињата на повеќе различни локации долж двете улици – и на „Мис Стон“ и на „Христо Батанџиев“. Според нивните сведоштва, повеќе жители во неколку наврати лично ѝ реагирале и ја предупредувале дека со оставањето храна на повеќе места кучињата се собираат и постојано се задржуваат во овој густо населен простор полн со мали деца, низ кој секојдневно минуваат голем број деца, пешаци и велосипедисти.
И покрај реакциите на соседите, проблемот продолжува.
Жителите велат дека глутницата особено во вечерните часови станува сериозна опасност. Кучињата трчаат по велосипеди, бркаат деца и возрасни и агресивно реагираат на минувачите.
Вечерашниот напад врз осумгодишното девојче, кое по настанот останало силно вознемирено и исплашено, велат тие, е најсериозното предупредување досега.
Според информации од жителите, проблемот веќе бил пријавуван кај надлежните институции и кај ЈП „Лајка“. Дел од граѓаните претходно побарале интервенција, но досега, како што велат, немало конкретна реакција на терен.
Жителите потсетуваат дека сомневањата за носење и оставање бездомни кучиња во Ѓорче Петров постојат подолго време. Пред околу една година беше посочен и случај на улицата „4 Јули“, каде, според тогашните информации, жител на Ѓорче Петров наишол на пикап од кој се истоварале кучиња, за што се ширеле видеа по социјалните медиуми. Исто така, пред 2-3 години друга група големи кучиња била оставена и сè уште се наоѓа кај игралиштето на ул. „Христо Батанџиев“.
Токму затоа граѓаните бараат во случајот итно да се вклучи и полицијата и да се утврди дали некој организирано носи и остава бездомни кучиња во населбата.

Од надлежните се бара итна координирана интервенција – од Општина Ѓорче Петров, Град Скопје, ЈП „Лајка“, Министерството за внатрешни работи и останатите надлежни служби.
Потребно е веднаш да се излезе на терен, да се отстранат кучињата кои претставуваат опасност, да се провери од каде потекнува глутницата и дали кучињата биле намерно донесени и оставени во населбата.
Вечерва едно осумгодишно дете имаше среќа. Во близина имаше двајца возрасни кои навреме реагираа и го спасија. Но стравот и траумата од ваков напад не завршуваат во моментот кога кучињата ќе бидат растерани.
Но, што ќе се случи следниот пат ако во близина нема никој?
Дали е потребно да се случи трагедија за институциите конечно да реагираат?
Жителите бараат итна акција – не утре, не по уште една пријава, туку веднаш.

Веста е слободна за превземање