Мигрантите се враќаат од Сеута: „Нема храна ни вода, спиев на улица како куче“


shpanija-migranti-ep-eenshot-2026-07-31-171553.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Повеќе од 60.000 луѓе вчера и денес преминале од Мароко во шпанската енклава Сеута, по копнен и морски пат. Шпанските власти соопштија дека во Мароко веќе се вратиле повеќе од 48.300 лица, додека на шпанската страна од границата биле пронајдени 57 тела. Дел од жртвите се удавиле, а други загинале во турканицата при обидот да преминат.


Зад големите бројки претежно стојат млади луѓе, кои за новинарите изјавиле дека во Сеута тргнале во потрага по работа и подобар живот.

Дел од нив биле поттикнати и од непотврдени пораки според кои, по влегувањето во енклавата, ќе добијат сместување, документи или можност да заминат во континенталниот дел на Европа. Нивните сведоштва покажуваат што очекувале, со што се соочиле и зошто многумина се вратиле само по неколку часа или по една ноќ.

„Во Мароко нема ништо“

Дваесет и петгодишниот Муад од Фнидек, марокански град во непосредна близина на Сеута, пливал околу еден час за да стигне до шпанската страна. Со себе носел само костим за капење, мобилен телефон и малку пари.

Откако излегол од морето, за порталот „Ел Диарио“ изјавил дека дошол за да најде работа и да му помогне на своето семејство.

„Дојдовме да го искористиме животот, да работиме и да им помогнеме на родителите. Во Мароко нема ништо“, рекол Муад.

Набргу по него во Сеута пристигнал Хасан, уште помлад Мароканец. Не знаел каква работа би можел да најде, но изјавил дека сака да работи и да има добра заработка. Во разговорот за шпанскиот портал, двајцата главно зборувале за вработување, приходи и желбата да им помогнат на своите семејства.

„Ни рекоа дека ќе добиеме сместување и виза“

Осумнаесетгодишниот Мохамед тргнал од Фез, град оддалечен околу 290 километри од границата. Тој не работи и не се школува. Во Сеута влегол преку граничниот бранобран, но веќе следниот ден се вратил во Мароко.

За „Ел Паис“ изјавил дека пред патувањето му било кажано оти во Шпанија ќе добие сместување и виза, со која ќе може да замине во Алхесирас, на европската страна од Гибралтарскиот Теснец. Не е познато кој му ги дал тие ветувања.

„Во Шпанија никој не ни помогна. Ни рекоа дека ќе добиеме сместување и виза за Алхесирас, но сè беше лага“, рекол Мохамед.

По враќањето во Фнидек, тој одморал со други исцрпени момчиња и се обидувал да најде превоз до Фез. „Ел Паис“ пишува дека многу мигранти ја поминале ноќта на отворено, во градини и на празни земјишта. На некои храна им дале жителите на Сеута, додека на други членовите на семејството им испраќале пари, пренесува „Индекс“.

Според истиот извор, кон границата тргнале и цели семејства со деца, поттикнати од непотврдени пораки дека ќе можат непречено да ја преминат границата, а потоа да продолжат кон остатокот од Шпанија и Европа.

Сопругот запливал, таа останала со двете ќерки

Дваесет и тригодишната Фатима Махли од Тетуан се обидела да ја премине границата со сопругот и двете ќерки. Верувала дека целото семејство ќе може пеш да влезе во Сеута, но нејзиниот сопруг рано наутро се одвоил од нив и се обидел да доплива до шпанската страна.

Новинарите на „Ројтерс“ ги затекнале Фатима и девојчињата како седат на тревата покрај патот што води кон граничниот премин. Тие не успеале да ја преминат границата, но поради турканицата и полициските блокади не можеле ниту да се вратат дома.

„Мислев дека ќе можам пеш да ја преминам границата. Сега сме заглавени тука и не можеме да се вратиме дома“, изјавила таа.

„Се надевав дека ќе преминеме како семејство, но мојот сопруг рано се разбуди, замина прв и заплива“, додала Фатима.

Во извештајот на „Ројтерс“ не е наведено дали нејзиниот сопруг успеал да стигне до Сеута, ниту дали семејството подоцна повторно се обединило.

На мајка си ѝ рекла дека оди на вечерна прошетка

Меѓу малолетниците кои допливале до Сеута била и 16-годишната Хадија. До шпанскиот брег стигнала по три часа пливање, користејќи гума на надувување. Таа изјавила дека во Шпанија сака да продолжи да игра фудбал.

На мајка си не ѝ кажала каде оди.

„Ѝ реков дека навечер одам на прошетка со пријателка“, раскажала тресејќи се откако излегла од морето.

Потоа побарала телефон за да ѝ јави на мајка си дека таа вечер нема да се врати дома.

„Како животни, без храна и вода“

Седумнаесетгодишниот Хамза поминал околу 20 часа во Сеута пред да реши да се врати преку границата.

„Овде сме како животни. Нема храна ни вода“, му рекол на новинарот на „Ел Диарио“ додека се враќал кон Мароко.

Центрите за сместување малолетници во Сеута веќе биле преполни, а дел од младите избегнувале да им се обратат на властите, бидејќи стравувале дека ќе бидат вратени во Мароко. Меѓу нив бил и 16-годишниот Брајан од Тетуан, чиј брат веќе живее во Шпанија.

Брајан рекол дека неговиот брат го советувал да почека пред да замине во прифатен центар, бидејќи пристигнале многу луѓе и постои можност властите да ги вратат. Истовремено размислувал дали да остане или да се врати поради гладот, жедта и недостигот од сместување.

„Спиев на улица како куче, преместувајќи се меѓу плажата и тротоарот, бидејќи полицијата нè бркаше“, раскажал тој.

Брајан рекол дека дома има големо семејство на кое сака финансиски да му помага. И покрај тоа што го доживеал во првата ноќ, сметал дека „сè е подобро од Мароко“. Додека разговарал со новинарот, ѝ испраќал пораки на мајка си и барал совет од неа.

„Повеќе ни самиот не знам зошто дојдов“

„Ројтерс“ разговарал и со млад Мароканец од Тангер, кој исто така решил да се врати. Тој рекол дека во Сеута не успеал да најде ниту храна ниту сместување, иако со себе понел малку пари.

„Искрено, повеќе ни самиот не знам зошто дојдов, а сега се враќам“, рекол тој.

Додал дека не јадел од ручекот претходниот ден и дека тоа што го направиле „не било ниту добро ниту пријатно“.

Новинарите на „Ројтерс“ виделе стотици луѓе како преку граничните премини и отворите во оградата се враќаат во Мароко. Дел од нив исто така изјавиле дека во Сеута не нашле храна ниту место за спиење.

Причините за враќањето не биле исти кај сите. Некои се вратиле поради глад, жед, спиење на отворено и неисполнети очекувања. Шпанската влада соопшти дека повеќето се враќале доброволно, но „Ел Диарио“ наведува дека полицајците во центарот на Сеута им приоѓале на групите млади луѓе, ги поттикнувале да се вратат и им го покажувале патот кон границата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK