ИЈЗ со апел до граѓаните кои патуваат: Проверете ги здравствените ризици, заштитете се од комарци и не ги игнорирајте симптомите по враќањето


patuvanje-depositphotos_66125025_l.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Летниот период носи зголемен ризик од заболувања поврзани со високите температури, инфекции кои се пренесуваат преку инсекти, како и повреди и здравствени ризици поврзани со активности на вода. Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија (ИЈЗ) препорачува навремена подготовка и почитување на следните мерки за заштита на здравјето при патување.


Пред да заминете

Информирајте се за здравствената состојба, присутните заразни болести и потенцијалните здравствени ризици во земјата или регионот каде што патувате.

Најмалку еден месец пред патувањето проверете дали се препорачуваат вакцинација или превентивна терапија (на пример, вакцинација против жолта треска или профилактична терапија за маларија).

Осигурајте се дека вие и членовите на вашето семејство, особено децата, ги имате примено сите рутински вакцини.

Доколку ви се потребни дополнителни информации, консултирајте се со вашиот избран (матичен) лекар или со надлежниот Центар за јавно здравје.

Подгответе ја вашата „здравствена чанта“. Задолжително понесете: лековите кои редовно ги користите, средства за прва помош, антипиретици и аналгетици, лекови за гастроинтестинални тегоби, средство за дезинфекција на раце, репелент против инсекти, крем за сончање со заштитен фактор SPF 30 или повисок и здравствена документација и полиса за патничко здравствено осигурување (доколку поседувате).

4 правила за заштита од инсекти

1. Користете репеленти

Нанесувајте репеленти (средства кои ги одбиваат комарците), особено доколку патувате во подрачја каде што постои ризик од заболувања што се пренесуваат преку комарци. Се препорачува употреба на репеленти на база на DEET (30–50%) или икаридин (icaridin/picaridin). Нанесувајте ги на непокриените делови од кожата, избегнувајќи контакт со очите, носот и устата. Репелентите може да се користа во секој период од денот, и во затворен и на отворен простор, строго според упатството на производителот.

Запомнете:

· репелентот нанесувајте го повторно во согласност со упатството на производителот, особено по капење, пливање или интензивно потење;

· доколку истовремено користите крем за сончање и репелент, најпрво нанесете го кремот за сончање, а потоа репелентот;

· кај бремени жени, доилки и деца користете само репеленти кои се наменети и одобрени за овие категории и секогаш следете ги упатствата за употреба;

· доколку патувате во тропски или суптропски подрачја, понесете доволна количина репелент за целото времетраење на патувањето.

2. Носете соодветна облека

Носете светла, лесна и облека од природне материјал (памук, лен) со долги ракави и ногавици, како и затворени обувки и чорапи кога условите го дозволуваат.

Ризикот од изложеност на комарци кои пренесуваат вектор-преносливи болести е присутен во текот на целиот ден. Комарците кои пренесуваат денга, чикунгуња и Зика се најактивни во текот на денот, особено во раните утрински и доцните попладневни часови, додека комарците кои ја пренесуваат маларијата се најактивни од самрак до изгрејсонце.

3. Престојувајте во заштитени простории

Кога е можно, престојувајте во климатизирани простории или во простории со заштитни мрежи на прозорците и вратите.

Доколку спиете на отворено или во простории без соодветна заштита, користете заштитна мрежа за спиење, по можност третирана со инсектицид.

4. При појава на симптоми побарајте лекарска помош

Доколку за време на патувањето добиете покачена телесна температура (38 °C или повисока), осип, силна главоболка, повраќање или други симптоми на заболување, веднаш побарајте медицинска помош. Маларијата и другите тропски заболувања можат брзо да напредуваат и бараат навремено лекување.

Безбедност при активности на вода

Доколку планирате капење, пливање, нуркање или пловење, почитувајте ги следните препораки:

користете само уредени и означени капалишта каде што квалитетот на водата се следи согласно здравствените стандарди;
избегнувајте капење во води со видливо загадување, необична боја, непријатен мирис, присуство на отпад или прекумерен развој на алги;
внимавајте да не голтате вода при капење и внимавајте малите деца да не внесуваат вода во устата;
по капење, истуширајте се со чиста вода и измијте ги рацете пред јадење;
доколку имате отворени рани или оштетувања на кожата, избегнувајте капење во природни водни површини;
почитувајте ги предупредувањата и препораките на надлежните служби за безбедност на капалиштата;
не дозволувајте деца да престојуваат покрај вода без постојан надзор;
при пловење задолжително користете спасувачки елек;
избегнувајте капење во реки, езера и други слатководни површини во земји каде што постои ризик од заболувања како што се шистозомијаза и лептоспироза.
Безбедноста при активности на вода зависи не само од почитувањето на мерките за спречување давење и повреди, туку и од квалитетот на водата во која се капете. Користењето безбедни и контролирани капалишта значително го намалува ризикот од инфекции на кожата, очите, ушите и гастроинтестиналниот тракт.

По враќањето од патување

Доколку во рок од три недели по враќањето добиете покачена температура или други симптоми на заразна болест, задолжително информирајте го вашиот лекар каде и кога сте патувале.

Имајте предвид дека доброволното дарување крв може привремено да биде одложено по враќањето од одредени земји.

Општи препораки за заштита од топлото време

Избегнувајте директно изложување на сонце и активности на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот.
Носете светла и лесна облека, а на директно сонце заштитни очила и светлобојна капа со висок свод и широк обод.
Останете во затворени и климатизирани простории.
При неопходен престој на отворен простор во овој период, најдете можност за почести одмори под сенка и избегнувајте директен престој на сонце.
Затворете ги прозорците и ролетните во текот на денот, а отворете ги навечер, кога температурата е пониска.
Внесувајте умерена количина храна. Избегнувајте масна и висококалорична храна како и храна која содржи голема количина на шеќер.
Внесувајте доволно течности во текот на целиот ден, без да чекате да почувствувате жед. Најдобар избор е водата за пиење, а може да се консумираат и минерални безалкохолни пијалаци. Избегнувајте алкохолни пијалаци, пијалаци што содржат кофеин и многу ладни пијалаци.
Кога сте во паркирано возило, отворете го прозорецот со цел да овозможите вентилација. Целосно затворените возила стануваат многужешки. Не оставајте никого во возилото!
Туширајте се со млака вода по потреба. За дополнително разладување, ставајте ладни облоги или потопете ги стапалата во ладна вода.
Лицата со хронични болести, особено оние со болести на кардиоваскуларниот систем, невролошките и белодробните болести, потребно е да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба, задолжително да го консултираат својот матичен лекар.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK