Шпанскиот премиер Педро Санчез преку социјалните мрежи им одговори на државите кои повикуваат на суспензија на Шпанија од шенгенскиот простор, предводени од Италија.
„Солидарноста и емпатијата се избор. Почитувањето на европските договори не е“, порача Санчез.
Повикувајќи се на најновите податоци за нелегалните влезови во Европската Унија што ги собира Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), шпанскиот премиер истакна дека во ЕУ преку Италија, земјите од Западен Балкан и Грција влегле повеќе луѓе отколку преку Шпанија.
„Ова не е време за поделби. Ова е време да продолжиме да градиме силна и обединета Европска Унија“, порача Санчез.
Неговата изјава уследи откако поединечни европски лидери побараа, поради мигрантската криза во шпанската енклава Сеута, да се разгледа можноста за привремена суспензија на Шпанија од шенгенската соработка.