Министерството за внатрешни работи доби 496 нови полициски службеници. Во своето обраќање министерот Тошковски истакна дека полициската професија не е само работно место, туку животен избор и повик кој бара храброст, чесност, професионалност и човечност.
„Со денешната свечена заклетва не добивате само работно место, туку прифаќате голема одговорност и ја преземате честа да ја носите униформата која граѓаните ја препознаваат како симбол на редот, законот и сигурноста“, порача министерот Тошковски.
Тој нагласи дека Министерството во изминатиот период спроведува темелна модернизација и јакнење на полициските капацитети преку инвестиции во нови полициски станици, современа опрема, возен парк, дигитализација на услугите и имплементација на современи безбедносни системи, со единствена цел – граѓаните да живеат побезбедно, а државата да биде посилна.
„Денес Република Македонија има најнизок криминалитет во последните дваесет години, што е резултат на посветената работа на секој полициски службеник, но и на реформите, модернизацијата и професионализацијата што континуирано ги спроведуваме“, истакна Тошковски.
Министерот посочи дека новата генерација уште за време на обуката покажала исклучителна дисциплина, професионален потенцијал и врвни резултати. Генерацијата е составена од два тима за специјалните полициски единици, два тима за гранична полиција и десет тима за полиција од општа и сообраќајна надлежност, кои оствариле одлични резултати во наставните дисциплини, практичните вежби и професионалните области.
Во своето обраќање Тошковски истакна дека Центарот за обука во Идризово денес претставува современа, меѓународно акредитирана образовна институција, која од оваа година прерасна во Полициска академија, а од септември повторно ќе започне со работа и Средното полициско училиште „7 Мај“, како значаен чекор во создавањето нови генерации професионални полициски службеници.
Помошникот министер и раководител на Полициската академија, Влатко Митковски, информираше дека основната обука успешно ја завршиле 496 кандидати за полицаец, од кои 364 за полиција од општа надлежност и сообраќај, 78 за гранична полиција и 54 за специјалните полициски единици, кои од денес и официјално се подготвени да се приклучат во редовите на македонската полиција.
На свеченоста новите полициски службеници положија свечена заклетва, со што и официјално станаа дел од Министерството за внатрешни работи и ја презедоа обврската чесно, законито и професионално да им служат на граѓаните и на Република Македонија.
На церемонијата беа доделени плакети за најдобри тимови од оваа генерација, а за најдобар од генерацијата 2025-2026 беше прогласен Јован Тасевски, на кого му беше доделена свечена плакета од страна на министерот Тошковски, а доби и пригоден подарок од Македонскиот полициски синдикат, по што сите кандидати за полициски службеници од генерацијата 2025-2026 дадоа свечена изјава пред присутните.