Просечната каматна стапка на вкупните депозити на годишна основа бележи намалување од 0,03 п.п., при што во јуни таа изнесува 2,17%, а просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,36 п.п. и изнесува 4,67%, соопшти Народната банка.
Во јуни 2026 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 4,67% и е намалена на месечна и на годишна основа за 0,02 п.п. и 0,36 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на вкупните депозити се задржа на нивото од претходниот месец и изнесува 2,17%. На годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните депозити е пониска за 0,03 п.п.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити, пак, во јуни, изнесува 4,38% и бележи месечно и годишно намалување од 0,04 п.п., соодветно. Просечната каматна стапка на новопримените депозити оствари месечно и годишно зголемување од 0,33 п.п. и 0,19 п.п., соодветно и изнесува 2,54%.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор, во јуни, е пониска за 0,02 п.п. во однос на претходниот месец и изнесува 4,31%.
Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор, овој месец, е повисока за 0,03 п.п. на месечна основа и изнесува 4,25%. Нагорната промена во целост се должи на растот на каматните стапки на кредитите во странска валута (за 0,44 п.п.), додека каматните стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула се намалени (за 0,07 п.п. и 0,04 п.п., соодветно).
Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор е намалена за 0,03 п.п. на годишна основа.
Во јуни, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор бележи месечно намалување од 0,03 п.п. и изнесува 2,66%. Падот во целост е резултат на пониските каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула (за 0,04 п.п.), додека каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула и каматните стапки на депозитите во странска валута се непроменети. На годишна основа, просечната каматна стапка на вкупните депозити на корпоративниот сектор е зголемена за 0,10 п.п.
Во јуни, просечната каматна стапка на новоодобрените кредити на домаќинствата оствари месечен раст од 0,07 п.п. и изнесува 4,71%.
Зголемувањето произлегува од повисоките каматни стапки на кредитите во странска валута и каматните стапки на денарските кредити без валутна клаузула (за 0,13 п.п. и 0,02 п.п., соодветно), при забележан пад на каматните стапки на денарските кредити со валутна клаузула (за 0,06 п.п.). Анализирано на годишна основа, оваа каматна стапка е повисока за 0,02 п.п.